Емисијата „360 степени“, во која гостуваат судиите од Кривичниот суд, Сандра Крстиќ и Ненад Савески, се емитува вечерва (26.3.2021 г.) од 22:00 часот на ТВ Алсат
Вечерва ја продолжуваме серијата изданија во која ја третираме темата за промените предизвикани во системот од случајот со масовното нелегално прислушување во периодот од 2008 до 2015 година. Во изминатите емисии зборувавме за расформирањето на некогашната УБК и формирањето на Оперативно-техничката и Агенцијата за национална безбедност, како прва брана од нови злоупотреби. Го отворивме и прашањето за непостоењето ефективен надзор врз следењето на комуникациите и потребата од итна акција на тој план. Вечерва одиме еден чекор понатаму и разговараме за тоа дали и што се промени во судското одобрување на посебните истражни мерки познати како ПИМ или ПИ-мерки. Од една страна, ПИ-мерките се корисна алатка во борбата против тешките форми на криминал и загрозувањето на јавната и националната безбедност, но од друга страна, нивната примена е вистинска инвазија врз приватноста на поединците. Дали и како се обезбедува баланс меѓу овие два екстрема е едно од прашањата за кои разговараме со двајца судии од Кривичниот суд во Скопје – Сандра Крстиќ и Ненад Савески.
Емисијата почнува во 22:00 часот на ТВ Алсат.