Новото издание на емисијата „360 степени“, во кое гостуваат Филип Рикер, Александер Шаленберг и Тања Фајон, се емитува вечерва (2 јули 2021 г.) од 22 часот на ТВ Алсат
Денешното издание на емисијата „360 степени“ го реализираме од Охрид, каде што во изминатите два дена се одржа меѓународната конференција „Преспа форум за дијалог“, инспирирана од Договорот од Преспа. Темата на конференцијата беше „Западен Балкан: Делот од сложувалката што недостига за комплетирање на Европа“. Како што рече вицепремиерот Никола Димитров на еден од панелите – ако се зборува за термин за одржување ваква конференција, ова е најлошиот можен, имајќи предвид дека само пред неколку дена Бугарија повторно го блокираше регионот на неговиот пат кон ЕУ. Димитров силно ја критикуваше Унијата затоа што прашања како идентитет или историја станаа важни за земји членки, иако Лисабонскиот договор ја слави токму културната и јазичната разноликост. На прашањето за блокадата од Бугарија на Северна Македонија, а со тоа и на Албанија, беше посветен значаен дел од дискусиите на конференција. Оваа тема е во фокусот и на содржините што ги подготвивме за вас од Охрид во ова издание на „360 степени“. Ќе видите интервјуа со тројца релевантни соговорници – помошник-државниот секретар на САД, Филип Рикер, министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг, и европратеничката од Словенија, Тања Фајон, чија држава од вчера претседава со Советот на Европската Унија.
Емисијата почнува во 22 часот на ТВ Алсат.