Некои општини имаат нефункционални веб-страници, а кај други сајтовите повеќе се користат за промоција на градоначалниците наместо да бидат информатор за граѓаните.
На насловна ве има вас…
„Не, мене ќе ме нема.“ – рече Роберт Бешовски – градоначалник на Општина Градско.
Некои општини не ги објавуваат ниту буџетот ниту информираат за јавните набавки. Други – ниту збор за услугите за граѓаните, контакти од администрацијата, информации за туризмот, економијата или образованието.
„ПР алатка или промовирање на активностите на градоналчалникот, а не толку многу од аспект – што навистина им треба од различните области на веб-страницата.“ – смета Мартин Тодевски – Центар за управување со промени.
Дали локалните власти ја разбираат обврската за транспарентност и придобивките од современа и функционална веб-страница?
________________
Нивото на транспарентност на општините го мери невладиниот Центарот за управување со промени. Според нивниот „веб-барометар“ и во 2016 и во 2018 година просечната веб-транспарентност на општините во земјава е околу 20 отсто.
ГРАДСКО
2016 – 0,64% веб-транспарентност
2018 – 5,13% веб-транспарентност
Градско е меѓу општините со најниска транспарентност или со други зборови, нивната интернет-страница не е од голема полза за оние што ќе ја отворат.
Во Општина Градско сретнавме многумина што ретко користат интернет. Земјоделците и повозрасните си ги знаат градоначалникот и општинската зграда, и никогаш не ја посетиле веб-страницата на локалната самоуправа.
„Кога одам во општината ми вршат работа. Со интеренет не се бавам. Младите имаат.“ – рече пензионер од Градско.
Но, и помладите со кои разговаравме се со слично искуство.
„На Фејсбук ги следам, а веб-страницата не сум ја посетил, затоа што не знам дека постои и не сум ја пронашол.“
„Искрено не. Не сум ни знаел дека има, дека постои такво нешто.“
Ова не е ни чудно затоа што градоначалникот Роберт Бешовски призна дека нивната веб-страница долго не била функционална – без објавен буџет, услуги или други информации. Во периодот од неколку дена – од најавата дека ќе ги посетиме до снимањето во општината, на интернет се појави нова страница.
„Сѐ се поклопи со вашето доаѓање. Ништо намерно.“ – рече Бешовски.
Но, и таа е речиси празна.
„Што и да гледате сега, се е во работна верзија и моментално ги немаме внесено податоците.“ – вели Бешовски.
А еве ја и причината.
„Веб-домеинот кој што го поседуваше човекот не можевме да го најдеме, не беше во Македонија. Но, за среќа го најдовме и сега работиме на изработка на нова веб-страница.“ – додава Бешовски.
Веб-страницата ја разгледавме и со велешанецот Игор Андреев, кој е експерт за маркетинг и брендирање градови.
„На прв поглед кога ќе се отворат, еве веб-страната на Општина Градско, но и на други општини во Република Македонија, ако направите еден прелиминарен преглед, ќе сватите дека доминантно тие сѐ уште се користат како алатка за ПР на градоначалникот или може да се забележи каде бил денеска градоначалникот, кој проект го реализирал во последно време, каде дал интервју, кој дошол во посета на општината итн.“ – смета Андреев.
Тој додава дека токму според содржината на веб-страницата може да се оценува колку е развиена една општина.
„Веб-страницата е првата слика, било кој надворешен инвеститор или турист да сака да дојде, првиот медиум каде што пребарува за да ја донесе одлуката дали да ја посети или да инвестира во одредена општина е веб-страната, па ако помине веб-страната, продолжува процесот на носење одлука.“ – вели Андреев.
ВРАПЧИШТЕ
2016 – 03,85% веб-транспарентност
2018 – 0% веб-транспарентност
Општина Врапчиште е меѓу ретките што бележат назадување – од некаква кон никаква транспарентност. Нула проценти значи дека за време на истражувањето нивната страница не работела, но и да била функционална не прави голема разлика.
Тоа е поради ниската информациска вредност, вели веб-дизајнерот Дејан Милосавлески.
„Јас како корисник, прво нешто што најмногу ми влегува во очи е тоа што не можам да си го променам јазикот, веб-сајтот е само на албански јазик.“ – вели Милосавлески.
Кога ќе се избере албански јазик, како што забележа и Дејан, фунционира само насловната страна, на која го има градоначалникот и објави од минатата година.
„Поминував и по навигацијата на сајтот, се е празно, тие си функционираат меѓутоа не даваат никаква содржина па практично и не функционираат.“ – додава Милосавлески.
За мултиетничка општина, во која мнозинството се Албанци, но има и Турци и Македонци, тој советува содржината да се објавува тројазично. Исто така вели дека информациите на веб-страницата треба да се лесно достапни и до нив да се стигнува со максимум три кликнувања.
Жителите на Врапчиште ретко се информираат он-лајн.
„Да, сум го посетил сајтот, но слабо е со информации.“
„Јас не користам ниту интернет, ниту фејбук, ниту ништо. Јас сум работник, тоа е.“
„Никако не сме задоволни затоа што општината слабо функционира.“
Наспроти нашите соговорници, градоначалникот Исен Шабани тврдеше дека имаат комуникацијата со граѓаните преку веб-страницата. Имале и вработени задолжени за тоа. Неговите претходници не ја одржувале, но сега биле максимално посветени.
„Реално имаме и веб-страница на општината каде добиваме пораки од граѓаните.“ – рече Шабани.
Но, откако заеднички утврдивме дека веб-страницата е речиси нефункционална, а опција за поставување прашања не постои, Шабани смисли решение.
„Сега направивме измени во систематизацијата, тоа е усвоено и во Министерството за информатичко општество. По претседателските избори ќе имаме јавен оглас за ПР-лице кое ќе се занимава со оваа работа.“ – вели Шабани.
Да им беше од полза на жителите, тие повеќе ќе ја посетуваа веб-страницата, иако и тие и градоначалникот тврдат дека како земјоделска средина, поблиски им се други алатки.
„Нашата генерација одиме од мотика на јутјуб. Можеби оваа генерација сега, тие можат, а ние од мотика на јутјуб дојдовме. Што знаме ние интернет.“
КАВАДАРЦИ
2016 – 13,46% веб-транспарентност
2018 – 50,46 % веб-транспарентност
Општина со најголем раст на транспарентноста на интернет е Кавадарци. За нецели две години имаат зголемување од 37 насто.
Нивната веб-страница ја разгледавме со Маја Миткова од локалната невладина организација „Еко живот“.
„Општинскиот веб-сајт постојано се ажурира и на дневна основа. Исто така, можеме да кажеме и дека на страната на Фејсбук на градоначалникот се објавуваат и тоа неколку пати на ден позначајни информации во врска со Општина Кавадарци.“ – раскажува Миткова.
Констатиравме дека и покрај напредокот, потребна е реорганизација на информациите на веб-страницата за да се најдат полесно.
Но, екологистите се жалат дека речиси и да нема информации за животната средина, третирањето на отпадот и депониите.
„На пример, ние како еколошко здружение имаме потреба да се информираме за регистарот на загадувачи и за тоа кои компании имаат Б-интегрирана еколошка дозвола кои што моментално на веб-страницата на Општина Кавадарци ги нема, не се објавени.“ – додава Миткова.
Општина Кавадарци има служба „Мој општинар“. Граѓаните пријавуваат проблеми на веб-страницата, општината испраќа екипа на местото, а потоа случајот се следи до негово решавање.
„Да, ја следам веб-страницата. Сѐ е добро во Кавадарци. Нашиот градоначалник убаво работи, така да задоволни сме.“
„Сѐ што ги интересира граѓаните може да најдат на веб-страницата.“ – велат жители на о. Кавадарци.
Веб-страницата на Општина Кавадарци ја анализиравме и со градоначалникот Митко Јанчев.
„Еве ги објавуваме и тековните проекти и реализираните проекти. Граѓаните да бидат информирани и за тековни проекти, еве асвалтирање на Северен Булевар.“ – вели Јанчев.
А буџетот го имате ли?
„Го имаме буџетот, да.“ – одговори Јанчев.
Но, буџетот го најдовме сосема случајно во друг дел на веб-страницата, а Јанчев вети дека заедно со контактите од вработените ќе ги стават на повидно место на страницата.
Градоначалникот признава дека забелешката на екологистите е на место.
„Во моментов работиме на ЛЕАП – локален еколошки акционен план, каде што ќе бидат опфатени транспарентно сите загадувачи, ќе бидат опфатени сите еколошки проекти, ќе биде опфатен на петгодишни ниво развојот на во делот на екологијата, загадувањето, урбаната средина и мониторинг на урбанистичките планови. Тое е еден голем дел што во голем процент придонесува во објективноста и транспарентноста.“ – вети Јанчев.
___________________________
Мартин Тодевски од Центарот за управување со промени, кој работеше на истражувањето, вели дека повеќето општини го објавуваат она што им е најлесно. Во неговата организација изработиле шаблон на веб-страница со сите информации што треба да ги објави една општина и ја предложиле како урнек за сите.
„Многу е полесно и поедноставно доколку се користи една, унифицирана веб-страница бидејќи согласно законот за локална самоуправа сите општини имаат исти надлежности. Според тоа може да се објавуваат ист тип на информации во иста структура на сите општини.“
Ако се прифати овој предлог, на општините ќе им остане со малку волја и труд да го поплнат шаблонот и да им се доближат на граѓаните и бизнисот заради кои и постојат.
Напишете коментар