„Не треба да има ограничувања за украинските вооружени сили, без разлика дали станува збор за соработка со трети земји или за помош од трети земји. Како што честопати велев, Украина мора да стане железен бедем, непробоен за потенцијалните агресори“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по денешниот состанок со украинскиот претседател Володимир Зеленски

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска имаше средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Брисел. По средбата таа изјави дека не треба да има било какви ограничувања за украинската армија или за странската воена помош за Украина.
Оваа изјава доаѓа во очи состанокот во Белата куќа што треба да се одржи утре (понеделник), а на кој на украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да му се придружат европските лидери. На состонокот ќе се дискутира за евентуален мировен договор меѓу Украина и Русија.
„Не треба да има ограничувања за украинските вооружени сили, без разлика дали станува збор за соработка со трети земји или за помош од трети земји. Како што честопати велев, Украина мора да стане железен бедем, непробоен за потенцијалните агресори“,
изјави Фон дер Лајен.
Фон дер Лајен го пофали предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп да ѝ понуди на Украина безбедносни гаранции инспирирани од НАТО.
„Ја поздравуваме подготвеноста на претседателот Трамп да ѝ обезбеди безбедносни гаранции на Украина, слични на Член 5“,
рече таа.
Фон дер Лајен додаде дека Украина мора да може да го зачува својот територијален интегритет. Според неа, терминот „прекин на огнот“ е помалку важен од потребата да се запре убивањето.
„Она што е важно е ефектот. И ефектот мора да биде прекин на убивањето. Значи, не е важен терминот, туку содржината. Важно е што поскоро да се одржи трилатерален состанок на претседателите на Украина, САД и Русија“,
нагласи шефицата на Европската комисија.