Во однос на тоа дека во следниот попис ќе биде опфатено само резидентното население, претседателот на Собранието порача дека треба што помалку политизирање на таквите процеси
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, околу најавата на министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски дека следниот попис на населението ќе се спроведува електронски, вели дека е важно тој да биде спроведен на најдобар и кредибилен начин.

„Мислам дека тоа е прашање на надлежните институции одговорни за да го спроведуваат тоа. Ако тие се чувствуваат подготвени, одлично е. Ние немаме нешто против да биде што полесно. Важно е пописот да биде спроведен на најдобар и кредибилен начин, да веруваат граѓаните дека информациите се кредибилни. Начинот како ќе се извршува, ако е најлесен тој дигитален начин или најкредибилен, тогаш одлично, се согласувам и јас. Нема никаков проблем“,
рече Гаши на денешниот брифинг со новинарите.
Во однос на тоа дека во следниот попис ќе биде опфатено само резидентното население, претседателот на Собранието порача дека треба што помалку политизирање на таквите процеси.
„Пописот е статистичка постапка која се спроведува според Евростат, тоа се меѓународните критериуми, треба да ги следиме. Што помалку политизирање на таквите процеси, тоа подобро. За жал, склони сме да политизираме сè и си правиме штета сами на себе. Ако ги гледаме објективно работите зошто ни требаат тие постапки, би имале друг пристап. Јас сум склон на деполитизирање на процесите“,
додаде Гаши.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и Дејан Станков, директорот на Државниот завод за статистика – главната институција во чија надлежност е спроведувањето на најголемата статистичка операција, пред три дена најавија дека следниот попис на населението треба да се спроведе во 2031 година и оти работат на подготовка на условите тој да биде спроведен електронски.
Ова значи дека наместо да има попишувачи кои ќе одат од врата на врата, податоците ќе се „влечат“ од административни извори. И на последниот попис во 2021 година дел од податоците се добиваа од податоците што ги имаа институциите, но сепак на терен имаше попишувачи што ги проверуваа.
