Ковачевски пред да стане директор на ЕСМ беше на чело на РЕК „Битола“, а претходно во два наврати беше и пратеник во Собранието
Васко Ковачевски поднел оставка од функцијата генерален директор на АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ).
Ковачевски не одговори на нашите повици за потврда на информацијата, но за ТВ 24, како што објави телевизијата, изјавил дека ја депонирал неговата оставка до премиерот Димитар Ковачевски.
Двајцата попладнево во Владата треба да одржат прес-конференција за годишниот извештај на АД ЕСМ за 2022 година, а на која се очекува да бидат соопштени и официјални информации за неговото заминување.
Надзорниот одбор на ЕСМ го назначи Васко Ковачевски за претседател на Управниот одбор и за генерален директор во јули 2019 година, функција на која дојде од местото директор на РЕК „Битола“ (најголема подружница на ЕСМ) каде што беше назначен во јануари 2018 година.
Ковачевски, како што пишува во неговата биографија, е дипломиран инженер по термоенергетика. Тој е поранешен советник во Советот на Општина Битола во периодот од 2013–2014 година, како и пратеник во Собранието од редовите на СДСМ во два мандати (2014–2016 и 2016–2017 г.).