Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ го обвини Апасиев дека не треба да ја води Комисијата бидејќи однапред тврдел оти обвинението за Кочани ќе падне и дека нема каузалитет. Таа се осврна и на писмото кое државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски го испратил до собранискиот спикер Африм Гаши во кое нагласил дека не е целисходно да се води паралелна постапка за Кочани пред Анкетната комисија, за случајот да не се компромитира
Апасиев ѝ реплицираше на Василевска, велејќи дека не го прифаќа барањето за изземање и дека ќе продолжи да ја води Комисијата. Додаде дека дописот на Коцевски се однесува на Анкетната комисија која е формирана на иницијатива на владејачкото мнозинство и која се однесува на сите трагедии, а не на Постојаната анкетна комисија
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска, побара изземање на пратеникот Димитар Апасиев од претседавач на собраниската Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, на која како единствена точка на дневниот ред е претставката од Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“.

Во емотивно излагање таа најпрво им се обрати на родителите на загинатите, кои, исто така, се присутни на денешната седница, а потоа лично му се обрати на Апасиев, обвинувајќи го дека не треба да ја води Комисијата бидејќи самиот однапред тврдел оти обвинението за Кочани ќе падне и дека нема каузалитет.
„Сите овие постапки ја ставаат вашата позиција во директен судир на основните принципи на правната држава и правила и принципи за непристрасност. Вашата јавна проценка дека обвинението е килаво и дека ќе падне, посочувањето дека некои обвинети немаат каузална поврзаност се ваше право, но во исто време ве ставаат во положба на индиректен бранител на обвинетите, спротивставено на обвинението, што од аспект на правните принципи ве прави лице чија непристрасност е доведена во прашање“, изјави Василевска.
Таа додаде дека со ваквите изјави Апасиев го изгубил кредибилитетот да ја води седницата на собраниската Постојана анкетна комисија, додавајќи дека според правните принципи, особено во вакви тешки случаи, сомнежот сам по себе е доволен за изземање.
„Од тие причини, почитувани родители, дозволете ми да ве заштитам и да ве предупредам од лицето кое е против обвинението, лицето кое е против утврдувањето на одговорност и од лицето за кои се плашам дека веќе одбрало страна. Поради сето наведено, барам изземање на Апасиев од претседавач на Комисијата. Правдата не смее да биде водена од оние кои однапред ја негираат“,
додаде Василевска.
Во излагањето од говорницата, пратеничката се осврна и на писмото што државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски го испратил до собранискиот спикер Африм Гаши. Во писмото тој ги набројал сите постапки кои се водат за трагедијата во Кочани и притоа нагласил дека не е целисходно да се води паралелна постапка и пред Анкетната комисија, да се расправа за докази или да се даваат искази кои треба да бидат дел од кривична постапка.
Апасиев ѝ реплицираше на Василевска, велејќи дека не го прифаќа барањето за изземање и дека ќе продолжи да ја води Комисијата. Додаде дека дописот на Коцевски се однесува на Анкетната комисија која е формирана на иницијатива на владејачкото мнозинство и која се однесува на сите трагедии, а не на Постојаната анкетна комисија.

„Она што го прочитавте беше допис на обвинителот во врска со вашата вмровска Анкетна комисија, а не со Постојаната анкетна комисија, која е уставна категорија, а со која јас претседавам. Дописот на јавниот обвинител е по барање на спикерот Гаши во врска со претстојната Анкетна комисија, а не со оваа“,
рече Апасиев и обвини дека Василевска ја доведува јавноста во заблуда.
Пред паузата од половина час што ја побараа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, на почетокот на седницата беше присутен целиот државен врв, кој имаше можност да ја слушне претставката на родителите на загинатите, што од говорницата ја прочита Марија Петрушова, претставничка на Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“.
