За семејството на Фросина Кулакова и нивниот адвокат Дарко Ал Блана признанието на вина е ирелевантен момент и сметаат и очекуваат судот на Јованов да му ја одреди максималната казна од 20 години затвор
Бранителот на Јованов, адвокатот Дуковски, по завршувањето на рочиштето, прашан каква одлука очекува во вторник, рече дека пресудата ја носи судот, но оти мора да го земе предвид фактот на признавање вина од страна на неговиот клиент
Едно рочиште беше доволно за почеток и крај на главната расправа од судскиот процес против Васил Јованов за прегазувањето на младата Фросина Кулакова, кое се случи на крајот на јануари годинава.

Ваквиот расплет дојде откако обвинетиот Јованов, одговарајќи на прашање на судијката Снежана Марковска, која го води судењето, дали го разбира кривичното дело за кое се товари и дали се чувствува виновен, рече: „Да, виновен сум!“
Признание и казна
Со ова тој призна вина за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Она што останува сега е уште едно рочиште на кое Судот треба да пресуди и да ја одреди висината на казната, која според Кривичниот законик изнесува 20 години затвор.
Колкава ќе биде санкцијата, семејството на Кулакова, обвинетиот Васил Јованов и јавноста треба да дознаат во вторник (13 мај), за кога судијката Марковска го закажа рочиштето на кое ќе ја соопшти пресудата.
На денешното рочиште во судницата број 1 во Основниот кривичен суд Скопје беа присутни најблиските на Кулакова – нејзината мајка, татко, сестра, брат и нивни пријатели роднини. Носеа црни маици со натпис „Правда за Фросина“. Не можеа да ги задржат емоциите и солзите додека оштетените ги даваа воведните зборови и тивки реакции на негодување кога зборуваа обвинетиот и неговиот адвокат.
Васил Јованов, пак, зборуваше тивко и со наведната глава.
За неговиот бранител, адвокатот Сашко Дуковски, судот при одредувањето на висината на казната треба да го земе предвид фактот што неговиот клиент денеска призна вина и изразил, како што рече, длабоко и искрено каење за стореното.
За семејството на Фросина Кулакова и нивниот адвокат Дарко Ал Блана признанието на вина е ирелевантен момент и сметаат и очекуваат судот на Јованов да му ја одреди максималната казна од 20 години затвор.
Тие ова го кажаа во судницата, а го повторија и во изјава за медиумите по завршувањето на денешното рочиште.
Семејството бара највисока казна
За адвокатот Ал Блана, обвинетиот признал вина со намера да добие поблага казна.
„Денеска сите бевте сведоци дека со намера да ја ублажат казната обвинетиот Васил даде едно голо признание. Сите знаеме на кој начин се случи настанот во кој загина младата Фросина Кулакова и од таа причина ние побаравме од Судот согласно законот да се изрече највисоката предвидена санкција, која законодавецот не случајот ја предвидел во законот (Кривичниот законик). Доколку се изрече највисоката санкција тоа ќе биде единствената задоволителна правда за младиот изгубен живот на Фросина Кулакова и исто така би било преневенција за во иднина да не бидеме повеќе сведоци на немили настани и злодела“,
рече тој.

Камелија Кулакова, мајката на Фросина, по излегувањето од зградата на Судот, го повтори она што го кажа и внатре.
„Јас само се надевам дека после ова долго рочиште судот ќе покаже дека законите имаат душа и дека правдата има лице, дека животот на Фросинче нема да заврши во празнина и дека ќе се изрече највисока казна“,
рече мајката на Фросина.
Пред нив изјава за медиумите даде таткото на загинатата млада девојка, Тодор Кулаков, кој ја напушти судницата додека обвинетиот Васил Јованов ги даваше завршните зборови.
„Заедно со Мицкоски ќе протестирам пред Судскиот совет“
Тој се осврна на законодавството во земјава за кое рече дека е неправедно и оти ги остава родителите без никаква можност да преземат нешто во рамките на истрагата.
„Многумина тврдат дека Македонија има закони, но лошо се применуваат. За последното се во право. Но, многу од законите се крајно нехумани, неодговорни и максимално неправедни, за што говори и фактот дека дури и ако ти убијат дете, родителите воопшто не се дел од предметот и немаат право да учествуваат ниту, пак, право на контрола, на што било, ниту на увид и зависат само од добрата волја на институции. Јас јавно ќе се заблагодарам на сите кои се дел од институциите и на нивната добра волја, вклучително и на добрата волја на судијката. Но, овде зборуваме какви се законите. Судот е место на правдата, а не да не убедуваат дека е голема разликата меѓу правото и правдата, особено ако ти убиле дете. Тогаш според закон не можеш да сториш и да преземеш ништо. Ти не си дел од ова, ти си нем посматрач. Ти си никој и ништо. Значи со закон државата го одзема од Бога даденото право на секој да се бори, макар и за своето покојно чедо“,
рече тој.
Се осврна и на одлуката на судот за пуштањето од притвор на Васил Јованов за претходното дело поврзано со поседување и продажба на дрога за кое му се судело и има неправосилна пресуда. Тој искажа гнев за ваквата одлука, но и за оцената на Судскиот совет дека судијката што го водела овој предмет не направила никаква законска повреда.
„Ако судијката Даниела Алексовска го судеше Васо за трговија со дрога, тој ќе беше во затвор и денеска Фросина ќе беше жива. Судијката Алексовска го остави на слобода, а уште посрамно е што Судскиот совет во најнедостоен манир ја брани судијката, длабоко понижувајќи ја институцијата Судски совет, пазејќи ја формата, а целосно занемарувајќи ја содржината. Токму затоа и во целост го поддржуваме и премиерот Христијан Мицкоски кога кажа дека ќе излезе да протестира пред Судскиот совет. Да, ние со него рамо до рамо ќе излеземе и ќе протестираме за судијката Даниела Алексовска повеќе да не биде судијка“,
рече Тодор Кулаков.

Васил Јованов покажа интегритет, вели неговиот адвокат
Бранителот на Јованов, адвокатот Дуковски, по завршувањето на рочиштето, прашан каква одлука очекува во вторник, рече дека пресудата ја донесува судот, но оти судот мора да го земе предвид фактот на признавање вина од страна на неговиот клиент.
„Јас би кажал една друга работа, се надевам дека конечно видовте дека сето она што беше објавувано оркестрирано дека Васил е убиец, наркоман, дека Васил е ѓавол, дека Васил возел со 170 километри на час, дека Васил избегал, па не дошол три часа на лице место, видовте дека сето тоа е една ноторна лага. Не знам дали видовте дека цело време при исказите оштетените читаа од нивните мобилни телефони што значи дека некој им ги подготвува тие говори, а така настапуваат од првиот ден. Сакам да имате предвид еден многу битен факт. Се работи за човек којшто има 20 години, категорично ја призна својата вина и тоа покажува дека една така млада личност е личност со интегритет, дека неговото семејство е со интегритет и имаше доблест да признае и да се сноси со сите последици кои ќе дојдат после неговото признание“,
рече Дуковски.
Повтори дека треба да се остави институциите да ги носат пресудите и тие да се носат врз основа на законот, а не врз основа на талионското начело (lex talionis) „око за око, заб за заб“, тоа што, како што додаде, некој сака.

„Смртна последица само по себе е страшна работа, но треба да се индивидуализира и да се цени тоа што Васил придонесе за ефикасно завршување на постапката, ја призна вината, беше кооперативен, соработуваше со судот и изрази најдлабоко можно каење“,
заклучи адвокатот.
Инаку, тој немаше никакви забелешки за работата на Обвинителството во конкретниот предмет.
Според обвинението, на 29 јануари 2025 година, Васил Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. На пешачки премин, на црвено светло, удрил во Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на самото место.