Судијката, по признавањето вина, му постави прашања на Јованов. Тој одговори дека здравствено се чувствува добро, оти не е зависник од алкохол и психотропни супстанции, дека не консумирал алкохол и психотропни супстанции и дека имал време и се консултирал со својата одбрана во однос на признавањето вина
Васил Јованов на денешното прво рочиште од судскиот процес за прегазувањето на студентката Фросина Кулакова призна вина за кривичното дело.
Одговарајќи на прашање на судијката Снежана Марковска која го води судењето, дали го разбира кривичното дело за кое се товари и дали се чувствува виновен, младиот Јованов рече:
„Сакам да изразам сочувство до целото семејство (на Фросина), да се извинам за тоа што сум го сторил. Никогаш не сум мислел дека ќе се случи вакво нешто. Да, виновен сум!“.
Почна судењето на Васил Јованов кој смртно ја прегази студентката Фросина Кулакова, Фото: 360 степени
Судијката, по признавањето вина, му постави прашања на Јованов. Тој одговори дека здравствено се чувствува добро, оти не е зависник од алкохол и психотропни супстанции, дека не консумирал алкохол и психотропни супстанции и дека имал време и се консултирал со својата одбрана во однос на признавањето вина. По ова судијката побара од обвинителот и адвокатот на семејството да достават докази во смисла на предлог за утврдување на висината на казната.
Обвинителот рече дека останува на наводите во обвинението, а ја нагласи и околноста дека Јованов е осудуван за друго кривично дело.
Бранителот на Јованов, адвокатот Сашко Дуковски, на истото барање на судијката наведе повеќе околности во корист на својот клиент. Ги наведе неговите студии и фактот дека имал намера да ги заврши. Неговите успеси и награди во спортот бокс за кој имал и многубројни награди. Тој предложи да биде изведена и снимка од триесетина секунди која, како што кажа, покажува дека младиот Јованов веднаш по настанот покажал огромно каење.
По паузата од неколку минути, рочиштето продолжи со презентирање докази. Обвинителот Марковски наведе дека од прибавената евиденција може да се види дека обвинетиот пред критичниот настан имал сторено многубројни прекршоци со истото возило. Ја наведе и пресудата за кривичното дело за кое е осуден на Јованов, а кое, како што е познато во јавноста, се однесува за поседување и продавање дрога.