Американскиот министер во изјава за каналот Фокс бизнис рече дека Путин не бил ниту чесен, ниту искрен со Трамп
Американскиот министер за финансии Скот Бесент синоќа изјави дека Вашингтон ќе објави нова рунда санкции против Москва, еден ден по одложувањето на состанокот меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин во Будимпешта за прекин на војната во Украина.

„Во текот на денот или утре наутро ќе објавиме значително заострување на санкциите против Русија“,
изјави Бесент пред новинарите во Белата куќа.
Британските медиуми наведуваат дека санкциите се насочени пред сè кон нафтените компании „Лукоил“ и „Роснефт“.
Американскиот министер во изјава за каналот Фокс бизнис рече дека Путин не бил ниту чесен, ниту искрен со Трамп.
„Претседателот Путин не бил толку фер и искрен на преговарачката маса како што се надевавме“,
рече Бесент, додавајќи дека американскиот претседател е разочаран од моменталната состојба на разговорите за прекин на војната во Украина, која започна со руската инвазија во февруари 2022 година.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека не сака залудна средба откако плановите за директни разговори со рускиот претседател Владимир Путин за војната во Украина беа ставени на чекање. Трамп во вторникот во Белата куќа јасно стави до знаење дека одбивањето на Москва да ги запре борбите по сегашната линија на фронтот останува клучна пречка.