Амбасадорката на САД во Албанија, Јури Ким, денеска од граничниот премин Ќафасан порача дека местото на Северна Македонија и Албанија е во ЕУ и дека САД се тука за да помогнат.
„Тука сум да истакнам дека помошта на САД го прави Западен Балкан побезбеден, подемократски и попријателски кон бизнисот. Не толку одамна границите беа како sидови, особено во овој регион и се под изговор на националната безбедност, притоа делејќи ги луѓето, попречувајќи ја трговијата и взаемната доверба. Денес стоиме на граница која не само што е побезбедна, туку има за цел да ги зближи луѓето и да ги унапреди интеграцијата, мирот и просперитетот. Денес, Албанија и Северна Македонија се наоѓаат на пресвртна точка кон членството во ЕУ, а САД ги поддржуваат во тие напори“,
изјави амбасадорката Јури Ким.

Таа денеска беше на Ќафасан – преминот меѓу двете земји, каде присуствуваше на настан поврзан со зајакнување на регионалната соработка. За оваа цел УСАИД обезбеди 100.000 долари за опрема наменета за царините на Албанија и Северна Македонија која ќе помогне за исполнување највисоките стандарди во граничните постапки и безбедносните контроли.