Заменик-министерот за надворешни работи на Грција посочи дека европската перспектива на земјава не е „неповратен тек“ и секаква евентуална промена на позицијата за Договорот од Преспа од наша страна ќе значи и промена од грчка страна
Се обидуваме да олесниме во отстранувањето на кои било тешкотии што постојат во моментов поради бугарското вето за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, изјави заменик-министерот за надворешни работи на Грција, Милтијадис Варвициотис, за време на Комисијата за европски прашања во грчкиот парламент. Паралелно посочи дека европската перспектива на земјава не е „неповратен тек“ и секаква евентуална промена на позицијата за Договорот од Преспа од наша страна ќе значи и промена од грчка страна, јави МИА од Атина.
Варвициотис ја информира Комисијата за последните случувања поврзани со европските прашања, а се задржа и на регионот, при што, уште еднаш ја изрази грчката поддршка за европската перспектива на Западен Балкан и ги повтори грчките позиции.
„Ја поддржуваме европската перспектива на Албанија и Северна Македонија. Се обидуваме да олесниме во отстранувањето на кои било тешкотии што постојат поради бугарското вето во моментов за одржување на првата меѓувладина конференција. Но, потсетуваме, на секој можен начин, дека ова не е тек што е неповратен. Во случај нашите северни соседи да решат да го променат нивниот став во врска со целосното спроведување на Договорот од Преспа, тогаш и Грција, соодветно, ќе ја смени својата позиција“,
рече Варвициотис.
Одговарајќи на забелешката на пратеникот од Сириза, Јанис Бурнус, дека грчката влада сè уште ги нема поднесено за ратификација трите меморандуми со Северна Македонија, заменик-шефот на грчката дипломатијата рече дека е правилна позицијата на Грција, објаснувајќи дека тоа е „едно од дипломатските оружја на земјата“.
Тој објасни дека во разговорите со претходната наша Влада и во исчекување да разговара и со новата, не слушнал дека на земјава и „пречи нератификацијата на меморандумите“ и додаде дека, напротив, тоа го слуша само од Сириза.
„Сметам дека поради тоа што е тешка политичката ситуација во Северна Македонија подобро е да бидеме внимателни, да бидеме предвидливи и да имаме на располагање што повеќе дипломатски оружја“,
објасни алтернативниот министер за надворешни работи на Грција.
На седницата на Комисијата зборуваше и пратеникот Јанис Бурнус од опозициската Сириза.
„Ние бараме што е можно поскоро да се одржи првата меѓувладина седница на Европската Унија со Албанија и Северна Македонија, што ќе го одреди нивниот интегративен процес. И овде, и на билатерално ниво, требаше да придонесеме, особено во случајот со Северна Македонија. Но владата не ги носи ни меморандумите за соработка, за со тоа да ѝ даде знак на Европската Унија дека одиме напред, барем со Северна Македонија“,
рече Бурнус.
Тој додаде дека во однос на регионот потребна е активна стратегија и забрзување на процесот на интеграција во ЕУ.