Ајде, ви се молам, едното со другото нема врска, напротив, ситуацијата е обратна, станува збор за стратегиска одлука на ЕУ, вели Вархеји во интервју за „360 степени“
Еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји, во интервју за „360 степени“, не ја прифаќа тезата што денеска се појави во дел од печатот во западноевропските земји дека пандемијата со коронавирусот ја олеснила одлуката на земјите членки на ЕУ за отворање преговори со Северна Македонија и со Албанија.
„Ако е полесно да се носат одлуки во период на епидемија на коронавирусот, тогаш зошто сега да не донесеме одлука за повеќегодишниот буџет на ЕУ. Ајде, ви се молам, едното со другото нема врска, напротив, ситуацијата е обратна, станува збор за стратегиска одлука, за многу важна одлука и тоа само покажува дека со примена на новата методологија, со многу посериозно известување и сериозната посветеност на двете земји, како и со тоа дека и покрај кризата земјите-членки сакаа да пратат многу јасен и гласен сигнал на регионот дека ако испорачате, тогаш и ЕУ е подготвена да испорача“,
вели еврокомесарот Вархеји.
Тој најавува дека Европската комисија многу брзо ќе ги достави предлог-преговарачките рамки за двете држави и дека очекува земјите членки да ги разгледаат во јуни.
„Сакаме двете преговарачки рамки, за двете земји, да ги поднесеме што е можно побрзо, а во заклучоците се вели ’веднаш’, а веднаш во оваа работа значи дека Советот би можел да ги разгледува истовремено со годишниот пакет за проширување, кој е предвиден да биде на дневниот ред во јуни. Така што, ние подготвуваме преговарачки рамки за двете земји, прво со Северна Македонија па Албанија, па да ги приложиме пред Советот на ЕУ“,
вели еврокомесарот.
Вархеји не ја исклучува можноста првата меѓувладина конференција со земјава да се одржи во јуни, но нема гаранции за тоа.
„Можно е ако земјите членки веднаш се усогласат за преговарачката рамка. Но, мислам дека ќе биде потребен извесен период за земјите членки прво да се договорат за преговарачката рамка“,
вели Вархеји.
Транскрипт од интервјуто со комесарот Вархеји
Во продолжение интегрално ви го пренесуваме интервјуто на еврокомесарот Оливер Вархеји за „360 степени“.
360°: Во дел од печатот во Западна Европа денеска има написи дека состојбата со коронавирусот ја олеснила одлуката на земјите членки на ЕУ за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија. Дали се согласувате со оваа теза?
Ова е интересно зашто пред одлуката ми беше кажано дека токму поради коронавирусот тоа ќе биде невозможно. Но, еве би одел и подалеку, ако е полесно да се носат одлуки во период на епидемија на коронавирусот, тогаш зошто сега да не донесеме одлука за повеќегодишниот буџет на ЕУ. Ајде, ви се молам, едното со другото нема врска, напротив, ситуацијата е обратна, станува збор за стратегиска одлука, за многу важна одлука и тоа само покажува дека со примена на новата методологија, со многу посериозно известување и сериозната посветеност на двете земји, како и со тоа дека и покрај кризата земјите-членки сакаа да пратат многу јасен и гласен сигнал на регионот дека ако испорачате, тогаш и ЕУ е подготвена да испорача. И ова е тоа што се случи, тоа е првиот принцип од нашата нова стратегија за проширување – кредибилност, а кредибилноста вчера беше задоволена.
360°: Одлуката на Советот на ЕУ е иста за двете држави, но содржината или суштината на заклучоците е различна. За Северна Македонија нема, а за Албанија има серија предуслови за да се случи првата меѓувладина конференција со која де факто почнуваат преговорите.
Да, така е. Сепак јас на тоа гледам дека Албанија направи суштински напредок во однос на сите овие прашања кои беа наведени во заклучоците на Советот. Овие прашања беа наведени зашто се приоритетни за земјите-членки и мислам дека членките сакаат тоа да го акцентираат. Исто така, мислам дека, како што веќе можете да видите во нашиот преоден извештај, албанските власти на овие прашања им пристапуваат многу сериозно и така ќе продолжат што значи дека ако ги исполнат задачите, тогаш меѓувладината конференција би можела да се одржи во исто време. Се се темели, целиот процес е темелен на постигнувања.

360°: Кога планирате како Комисија да ја доставите преговарачката рамка на усвојување?
Сакаме двете преговарачки рамки, за двете земји, да ги поднесеме што е можно побрзо, а во заклучоците се вели „веднаш“, а „веднаш“ во оваа работа значи дека Советот би можел да ги разгледува истовремено со годишниот пакет за проширување, кој е предвиден да биде на дневниот ред во јуни. Така што, ние подготвуваме преговарачки рамки за двете земји, прво со Северна Македонија па Албанија, па да ги приложиме пред Советот на ЕУ.
360° Дали јуни е реален рок кога би можела да се одржи првата меѓувладина конференција за Северна Македонија?
Па, можно е ако земјите членки веднаш се усогласат за преговарачката рамка. Но, мислам дека ќе биде потребен извесен период за земјите членки прво да се договорат за преговарачката рамка.