Еврокомесарот потоа зборуваше и за тоа на кој начин Европската Унија може да помогне оваа иницијатива да се прошири и да стане уште поефективна и нагласи дека посебно во време на војна и глобална криза исклучително е важна соработката меѓу ЕУ и Западен Балкан

Иницијативата „Отворен Балкан“ е можност регионот да ја смени реалноста и да ги надмине предизвиците со кои се соочува веќе со децении. Секако, ова може да биде можност и за забрзување на патот до ЕУ. Според мене, ако ја завршиме работата добро, ќе се забрза економската интеграција на регионот, а би требало да се забрза и реалната интеграција на регионот во ЕУ, изјави еврокомесарот Оливер Вархеји во своето воведно обраќање во рамките на самитот на „Отворен Балкан“ во Охрид.
Според него, важно е најпрво да се работи на економската интеграција на регионот, а потоа со самото тоа ќе следува и процесот на, како што вели Вархеји, реалната евроинтеграција на земјите од Западен Балкан во Унијата.
„Кога зборуваме за пристапување во ЕУ зборуваме за процеси, преговарачки рамки, за нон-пејпери и така натаму, но да бидам искрен со вас и ова не би требало да го кажам како комесар, но ова навистина не е интересно, ова воопшто не е интересно за нашите луѓе, за нашите луѓе во Европа или за луѓето во Западен Балкан. Сметам дека нивното главно прашање е кога ќе живееме како што живеат луѓето во Европа и кога ќе дочекаме сите бариери да бидат отстранети меѓу ЕУ и Западен Балкан. Ова е вистинската интеграција, вистинската интеграција започнува со економијата и започнува со општеството, затоа ми беше драго кога првпат ја слушнав идејата што потекнува од регионот и ова е навистина многу битно достигнување на регионот, бидејќи самиот регион ја смисли оваа идеја“,
изјави Вархеји.
Тој ја потенцира и важноста за регионалната соработка, истакнувајќи дека е потребно да се отворат границите меѓу овие земји и да се зголеми соработката на повеќе нивоа.
„Нема поента да се поврзува капиталот на Западен Балкан со патишта и железници ако камионите треба да се запираат на секоја граница, нема поента да зборуваме за пристапување кон ЕУ и евроинтеграција доколку во самиот регион сè уште треба да ви ја нострифицираат дипломата доколку сакате да работите во друга држава, а тоа значи дека би требало да работите на еден час од местото на живеење. Не вреди ништо ако вашиот бизнис не може да тргува соодветно или ако не може да ги продава своите услуги во регионот, затоа што според нашите проценки регионот може да создава една третина од својот БДП само преку економска интеграција. Регионот го има овој потенцијал и само регионот може и да го испорача“,
нагласи Вархеји.
Еврокомесарот потоа зборуваше и за тоа на кој начин ЕУ може да помогне оваа иницијатива да се прошири и да стане уште поефективна и нагласи дека посебно во време на војна и глобална криза исклучително е важна соработката меѓу ЕУ и Западен Балкан.
„Можеме да помогнеме со инвестициски план, со заедничкиот регионален пазар затоа што тоа е нашиот начин за ‘Отворен Балкан’. Но, додека да дојдеме таму сметам дека ‘Отворен Балкан’ треба да продолжи понатаму и драго ми е што денеска гледаме како се потпишуваат договори и ги гледаме резултатите што веќе претходните договори ги покажуваат и им ги олеснуваат животите на луѓето, посебно во кризата во која се наоѓаме поради војната на Русија во Украина. Сега повеќе од кога било ни е потребно да си помагаме меѓусебе за да ја решаваме оваа криза затоа што може да создадеме раст, може да покажеме отпорност токму преку соработката. Затоа сметам дека се додека иницијативата на Западен Балкан се заснова на правилата и нормите на ЕУ, сè додека се заснова на четирите слободи, тогаш може регионално да ги жнеете придобивките, а ние ќе бидеме тука со регионалниот инвестициски план за да ви помогнеме овие предности и резултати да постигнат високи нивоа. Затоа ве охрабрувам целосно да ги искористите постојаните структури кои ги поддржуваме, затоа што знаење и инфраструктура имаме, а гледам дека има и подготвеност да му се помогне на регионот да премине на следното ниво“,
заклучи Вархеји.
