Албанскиот премиер Еди Рама денеска во Брисел учествуваше на редовниот годишен Совет за стабилизација и асоцијација, додека оној за Северна Македонија што требаше да се одржи на крајот на февруари е одложен
За Албанија условите се исполнети и ние ќе поднесеме предлог до земјите членки да започне првата меѓувладина конференција што е можно поскоро, изјави денеска во Брисел еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Осврнувајќи се на можното одвојување на евроинтеграцијата на Скопје и Тирана, Вархеји рече дека станува збор за процес заснован на заслуга и земјата што ќе ги исполни условите ќе ја добие првата меѓувладина конференција, јави МИА од Брисел.
Албанскиот премиер Еди Рама кој денеска во Брисел учествуваше на редовниот годишен Совет за стабилизација и асоцијација со Албанија, на прес-конференцијата изјави дека идентитетските прашања не треба да бидат дел од дневната политика и дека Албанија е подготвена да ја чека Северна Македонија за да не се одвојат двете држави во процесот на интеграција.
Рама, исто така, посочи оти кога дознал дека идентитетските прашања се покренати во процесот на преговори за Северна Македонија, тој бил „ужаснат“.
„Ова е најлошата можна дискусија кога е потребен консензус за постигнување на следниот чекор, затоа што е комплицирано, затоа што е емотивно и се надеваме дека мудрите лидери на Северна Македонија и Бугарија, кои се мудри, ќе го решат ова сами и се надевам дека нема да чекаат некое волшебно стапче од Берлин, Лондон или од каде било, затоа што тоа нема да се случи. Треба да најдат начин сами да се договорат“,
порача албанскиот премиер од Брисел.
Тој додаде дека минатото треба да им се остави на академиците, граѓанското општество и експертите, но дека тоа нема место во дневната политика и изрази надеж дека нема да дојде до одвојување на Северна Македонија и Албанија во овој момент од процесот, односно одржувањето на првата меѓувладина конференција.
„Минатото е процес кој може да ја зароби Северна Македонија, не дај Боже, за којзнае колку време, но ако треба да ве чекаме и да бидеме трпеливи, ќе ве чекаме како наши соседи и ќе трпиме“,
изјави Рама.
Редовниот состанок за стабилизација и асоцијација со Северна Македонија, кој требаше да се одржи на крајот на февруари, беше одложен, но според еврокомесарот Вархеји, тоа нема никаква поврзаност со некаков притисок од Бугарија.
Во однос на Албанија, денеска Брисел констатирал дека Тирана направила значителен и опиплив прогрес во сите клучни области и од земјите членки ќе побара одржување на првата меѓувладина конференција и почеток на преговорите за членство најскоро што може.
Албанија, сепак, ќе треба прво да го чека и исходот од претстојните парламентарни избори и да покаже дека ги интегрирала забелешките и препораките од релевантните меѓународни тела како ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија, посебно во делот на поткупот на гласачи.
Шефот на европската дипломатија, Жосеп Борел, ја пофали Албанија нарекувајќи ја „модел“ за другите земји во регионот, посебно во делот на усогласувањето на надворешната политика со таа на ЕУ, услов кој земјата целосно го исполнува, најави Борел.