Османи изразил благодарност за работата на ЕК во однос на планот за справување со енергетската криза за сите земји од Западен Балкан, со кој се очекува да се предложат финансиски фондови за адресирање на итните, краткорочни и среднорочни потреби на нашиот регион
Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји на денешната средба во Берлин со шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи најавил финансиски пакет за регионот во износ од една милијарде евра за ублажување на последиците од енергетската криза, соопштија попладнево од Министерството за надворешни работи.

Средбата меѓу Османи и Вархеји се одржала на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи во рамките на Берлинскиот процес.
Османи изразил благодарност за работата на ЕК во однос на планот за справување со енергетската криза за сите земји од Западен Балкан, со кој се очекува да се предложат финансиски фондови за адресирање на итните, краткорочни и среднорочни потреби на нашиот регион.
„Во овој контекст, од страна на Вархеји беше најавен финансиски пакет за регионот, во износ од една милијарда евра, за ублажување на ефектите од енергетската криза“,
се наведува во соопштението на МНР за средбата.
На средбата, како што информираат од МНР, Османи го поздравил неодамна објавениот Извештај на Европската комисија за Северна Македонија, со кој, како што се наведува во соопштението, се признава генерално добриот реформски напредок на земјата, особено во областите опфатени со фундаменталниот кластер и во поглавјето за Надворешна безбедносна и одбранбена политика, каде што сме оценети со највисока оценка „многу добар напредок“.

„Министерот го информира еврокомесарот за одвивањето на скрининг процесот, како прва и особено значајна фаза во процесот на преговорите со ЕУ, како и за посветеноста на Северна Македонија за навремено заокружување на истиот во ноември идната година, при тоа фокусирајќи се на внатрешните обврски кои ни претстојат до отворањето на фундаменталниот кластер“,
велат од МНР.