Еврокомесарот го истакна усогласувањето на земјава со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, а нагласи и дека Северна Македонија покажала решителност и континуиран напредок во реформите кои мора да продолжат

Северна Македонија ја покажа својата одлучност да оствари напредок на патот кон ЕУ како кредибилен партнер. Ова го порача еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент денеска зборува за пакетот за проширување на земјите од Западен Балкан презентирајќи ги главните наоди од извештаите за секоја земја поединечно.
Изминатата година, оцени еврокомесарот, беше многу важна за Северна Македонија бидејќи ги започна пристапните преговори со ЕУ. Извештајот, според неговата презентација, ги поздравува направените реформи, но и ја потенцира важноста тие да продолжат, како и борбата против корупцијата.
„Минатата година беше важна за Северна Македонија, започна пристапниот процес, беше одржана првата меѓувладина конференција. Северна Македонија демонстрира решеност и континуиран напредок во реформите, но тие мора да се интензивираат и да се искористи сиот потенцијал за да се забрзаат реформите. Борбата против корупцијата мора да продолжи, потреби се напори за реформи и во јавната администрација. Северна Македонија направи многу добар напредок и во однос на заедничката надворешна и безбедносна политика и сега е во целост усогласена со европските ставови за војната во Украина, вклучувајќи ги и санкциите за Русија. Со тоа Северна Македонија ја покажа својата одлучност да оствари напредок на патот кон ЕУ како кредибилен партнер“,
рече Вархеји.
Состанокот на Комитетот за надворешна политика е во тек. Попладнево се очекува објавување на целиот извештај на Европската комисија за Северна Македонија по што ќе објавиме и повеќе детали за неговата содржина.