Јас второто ливче нема да го земам – пишува кандидатката на Левица за шеф на државата во коментар под својата објава на Фејсбук
Кандидатката на Левица на претседателските избори Билјана Ванковска објави дека задутре нема да земе ливче за избор на шеф на државата и ќе го бојкотира вториот круг од овие избори.
Во својот статус на Фејсбук, Ванковска се жали дека е под притисок на ВМРО-ДПМНЕ да даде изјава со поддршка за кандидатката Гордана Силјановска-Давкова.

„Од мигот кога се појавив како потенцијален кандидат за претседателските избори, па до денес, сум под постојан брутален притисок од ‘најголемата’ опозициска партија и нејзините кучиња и мегафони. Бараат од мене најбезобразно да ги дадам гласовите кои вие сте ми ги дале мене (дури и уште пред да ги добијам)! Бараат јавно да гласам. Па, еве штом инсистираат, пред молкот, да им кажам зошто нема да гласам“,
пишува таа.
Во одговор на еден од коментарите на својот статус таа децидно соопштува дека ќе гласа само на парламенатарните избори, нагласувајќи дека претседателските ќе ги бојкотира.
„Јас второто ливче нема да го земам“,
вели Ванковска.

Оваа своја позиција таа ја аргументира, меѓу другото, со разочараноста што кај неа ја предизвикало однесувањето на противкандидидатката Гордана Силјановска Давкова. Вели дека не ѝ се извинила за навредите кои кон неа ги упатил претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ќе го тргнам настрана фактот што Мицкоски почна со навреди за измеќарка (без никаков повод). Очекував од Силјановска да ми се извини во негово име, но таа молчеше. Нештата станаа појасни кога пред ТВ-камери кажа да не очекуваме од неа јавно да му се спротивставува на Мицкоски. Значи, очекувајте меден месец на владата и претседателката ако успее операцијата. Сите што не се за нив, се најголеми непријатели. Второ, медиумите никогаш не ги интересираше што нудам, туку дали ќе ги дадам гласовите на ‘пријателката’ (без воопшто да знаат дали сме воопшто пријателки, што е и небитно за политиката). Феноменот на ‘пријателство’ во политиката постои само во недемократски персонализирани режими, во кои субјектите се однесуваат согласно личните врски и интереси, во тендерашките коалиции и дубари во кои и шуто и рогато ќе се договорат меѓу себе. Тие сакаат Rex наместо Lex, систем заснован на лични познанства и односи, а не на закон, идеологија, политичко убедување, морал и совест“,
пишува на својот фејсбук-профил Ванковска.
Кандидатката која не успеа да освои доволно гласови за да влезе во вториот круг од претседателските избори појаснува дека не би можела својот глас да го даде ниту за Пендаровски ниту за Силјановска.
„Ми поставуваат и едно глупаво прашање: а како тоа Гога ти беше одлична во 2019 година, а сега не ти чини? Затоа што во 2019 година таа не беше политичарка и не беше вмровка, ами жена спремна да се бори за нацијата. Ѝ помагав (меѓу другото и со програмата) затоа што мислев дека веднаш по Преспа нам ни треба ОТПОР. Но, духот на отпорот се стопи под топлото сонце на привилегиите. Сега е во лошо друштво и уште се гордее со него. Таа е сега апологет, а ‘школата на демократијата’ што ја минала во парламентот (заедно со оној срамен процес Жан Моне со кој го сменија Деловникот), всушност, ја сменила неа, наместо обратното. Затоа, заедно со десничарската агенда која ја нуди, јас не можам со мирна совест да ѝ го дадам мојот глас, а да останам левичар. Стево не заслужува ни коментар (Апасиев има за него подобри епитети) – тој едвај чека да си замине во богата пензија“,
додава таа.
Ванковска укажува дека на изборите настапила со програма која е апсолутна негација на сето она што го нудеа сите други кандидати, кои според неа, се дел од една компрадорска елита, која е повеќе загрижена за странците одошто за националните интереси. Вели дека не би можела да гласа за некој кој е за НАТО и за зголемување на воените трошоци додека децата се лечат со донации, за некој кој Преспа не ја ни спомнува, а Бугарскиот договор ќе го надоградува со анекси и креативни толкувања. Таа нагласува дека не би можела да го даде својот глас за внес на Бугарите во Уставот со одложено дејство (ретард), ниту да застане зад некој кој за меѓународна политика учи од книгите на Перл Бак за Кина. Ванковска не би можела да биде „за“ ниту за кандидати кои сметаат дека Рамковниот договор е светиња или за некој кој не знае што е безбедносна дилема, а имала повеќе (во главата?). „Како да гласам за некој за кого Газа не постои!!!“ прашуваа таа.
„Јас би ги излажала сите 40-ина илјади гласачи кога сега би ги повикала да гласаат за помалото зло. Би си поплукала на себе и на својата програма. Јас замолчувам уште сега што се однесува до политичките работи. Секој од нас со својот ум и совест. Тоа е демократија и ништо друго! Ќе беше подемократски да не ме принудеа јавно да кажам што ќе правам со своето ливче, но претераа – и ова е мојата пресметка со тие ‘кучиња на политиката’ на кои им течат лиги од помислата дека ќе добијат привилегии веднаш по изборите“,
пишува Ванковска во своето обраќање на Фејсбук.
Професорката Билјана Ванковска беше кандидатка за претседател од политичката партија Левица. Во првиот круг од изборите освои повеќе од 41 илјада гласови.