Директорот на Клиничката болница во Штип во објава на социјалните мрежи вели дека оштетувањата се намерни со цел да се предизвика пожар и посочува оти се работи за сериозна закана, и бара итна и решителна реакција од надлежните
Вандали предизвикале сериозни оштетувања на електричната инсталација во штипската модуларна болница, што можело да доведе до пожар во објектот.

За ваквата ситуација денеска преку објавата на социјалните мрежи информира директорот на Клиничката болница во Штип, Владко Захариев, според кого, оштетувањето на електричната инсталација е намерен обид да се предизвика пожар во објектот.
Тој во објавата сподели и фотографии од објектот по вандалскиот чин. На нив се гледаат оштетувањата на инсталацијата, откорнати светилки и поголеми жици, но и расфрлан и превртен болнички инвентар.
Захариев пишува дека не станува збор за изолиран инцидент и дека модуларната болница досега во неколку наврати била цел на вандали.
Директорот посочува дека станува збор за сериозна закана, која, како што наведува, бара итна и решителна реакција од надлежните.
„Непознати сторители саботираат делови од електричната инсталација, со сериозен ризик да предизвикаат краток спој и пожар. Со тоа директно се загрозува здравствениот персонал и безбедноста на објектот, посакувајќи намерен пожар“,
вели директорот во објавата на својот фејсбук-профил.

Овие вандалски акти дополнително, вели тој, ја успоруваат и одложуваат планираната реконструкција на модуларната болница, која, како што наведува, треба да обезбеди продобри услови за згрижување пациенти и работа на медицинскиот персонал.
Директорот на Клиничката болница во Штип неодамна соопшти дека модуларната болница, која е празна и стои неискористена, ќе се пренамени во амбуланти за специјалистички прегледи преку „Мој термин“.
Постапката за преадаптација, како што изјави тој во средината на април, е речиси на самиот крај и планот е во првата фаза таму да се префрлат амбулантите од приемното одделение, а потоа и другите специјалистички амбуланти.