Градоначалникот на Валандово, кој ја водеше општината во два мандати претходно, му ја честита победата на новиот градоначалник Ѓоко Камчев

По осум години, Валандово добива нов градоначалник. Перо Костадинов, кој ја водеше општината во два мандати, загуби од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоко Камчев.
Костадинов освои 3 012 гласа наспроти 3 258 гласа кои ги освои Камчев.
„Почитувани граѓани на општина Валандово, Ви благодарам на честа и можноста да ѝ служам на нашата локална заедница изминатите осум години. Благодарам на сите мои соработници, а уште повеќе на сите мои сограѓани. За довербата, за соработката, за критиките. На Ѓоко Камчев му честитам на победата на овие локални избори. Валандово е наша светост. Да го сакаме, негуваме и да го развиваме, сите. Секогаш“,
напиша Костадинов на Фејсбук.
А нов градоначалник има и во општина Демир Капија. Таму досегашниот градоначалник и кандидат на СДСМ, Лазар Петров, загуби од кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Наталија Димитриева.
Петров во вториот круг освои 1 152 гласа, а Димитриева 1 222.
Во Валандово имаше 291 неважечко ливче, додека во Демир Капија 72.
