На прашањето дали граѓаните ќе можат да избираат која вакцина ќе ја примат, Филипче рече дека сите вакцини што ќе пристигнат во земјава ќе бидат соодветно сертифицирани и безбедни
Вакцините се на пат. Потребни се многу подготовки што треба да се направат, работиме врз научна методологија која се базира на безбедност и сигурност и вакцините прво ќе ги добијат приоритетните групи граѓани, како што е тоа случај во сите држави во светот, вели шефицата на канцеларијата на СЗО во земјава, Џихан Тавила.

Таа уверува дека Владата и државата прават сѐ што е во нивна моќ секој во оваа држава да биде заштитен и апелира да не се прават споредби со државите од регионот каде што веќе се даваат вакцини.
„Ситуацијата во секоја држава е различна и овие вакцини се за итна употреба, а не се дел од регуларната пратка вакцини кои се наменети за пазарот. Потребни се сериозни анализи од институциите и Владата за да биде користена вистинската вакцина“,
рече Тавила одговарајќи на прашањето зошто Косово и Албанија веќе добија вакцини, а Северна Македонија сѐ уште не.
На забелешката дека системот Ковакс не функционира и дека земјите што треба да добијат вакцини преку него сѐ уште немаат ниту една доза, Тавила рече дека не знае врз основа на што се излекуваат вакви заклучоци, но знае дека вакцините ќе пристигнат во скоро време.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека веќе се резервирани дозите за земјава во „Фајзер“ и се очекува првите количини да пристигнат идниот месец.
„Целиот овој изминат период интензивно комуницираме со компанијата ‘Фајзер’, поради тоа што во овој момент таа е единствената компанија што ги има добиено потребните дозволи за итна употреба на нејзината вакцина од двете најзначајни регулаторни тела, а тоа се Американската агенција за лекови (ФДА) и од Европската агенција за лекови (ЕМА)“,
додаде Филипче.
Истовремено, во изминатите неколку дена има информација од системот Ковакс дека и тие вакцини ќе стигнат во февруари, а во меѓувреме е можно некои од земјите со кои Владата разговараше како Австрија, Бугарија, Полска и Грција да одделат некоја количина од своите.

Како причина зошто тоа досега не профункционирал тој систем на европска солидарност, Филипче рече дека е малата количина што и тие самите ја добиле – некаде една десеттина од планираната поради капацитетот на производство.
Со зголемувањето на производството на „Фајзер“, но и производството на другите компании што се дел од системот Ковкас, тој смета по февруари дистрибуцијата на вакцини ќе биде со поголема динамика.
На прашањето дали граѓаните ќе можат да избираат која вакцина ќе ја примат, Филипче рече дека сите вакцини што ќе пристигнат во земјава ќе бидат соодветно сертифицирани и безбедни, а согласно планот за дистрибуција ќе биде направен и планот за вакцинирање.