За помладите од 60 години што добиле прва доза од „Астра Зенека“ засега нема препорака да се ревакцинираат
Во однос на вакцинацијата во земјава, сега приоритет им се дава на оние граѓани што се веќе пријавени и врз основа на тоа се прави и прераспределбата на вакцините
Сите граѓани што се вакцинирани во Србија со која било вакцина, освен со „Астра Зенека“, ќе можат да се ревакцинираат кај нас, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Но, за помладите од 60 години што добиле прва доза од „Астра Зенека“ засега нема препорака да се ревакцинираат.
„Сè уште нема јасен став, сè уште се анализираат и публикациите и ставовите на многу национални агенции за лекови, дали евентуално треба да примат друга вакцина или не. Во таа смисла, препораката е да не се прима втората доза на вакцина на ‘Астра Зенека’. Нашата одлука е да не се вакцинираат граѓани под 60 години со вакцината на ‘Астра Зенека’“,
истакна Филипче.
Тој очекува во периодот што следува да има јасен став и за оваа категорија граѓани.
Во однос на вакцинацијата во земјава, сега приоритет им се дава на оние граѓани што се веќе пријавени и врз основа на тоа се прави и прераспределбата на вакцините.
Денеска стигнуваат и 10 000 вакцини од „Фајзер“ преку директен договор, при што секој понеделник ќе стигнуваат меѓу 4 000 до 7 000 вакцини, односно вкупно 26 000.
„Сето тоа влегува во нашиот распоред како ќе се распределуваат вакцините. Има неколку пункта во државата, освен во Скопје, каде што има фрижидери за вакцината на ‘Фајзер’ и тие се распределуваат и кон околните центри на тој начин што здравствените домови согласно бројот на закажани граѓани секое утро подигнуваат одредена количина од вакциналните пунктови во Куманово, Штип, Битола, Охрид, Тетово и во Кавадарди и така се прави распоредот и регионално“,
рече Филипче и додаде дека тоа се местата каде што завршува процесот на опремување на салите во рамките на училиштата.
Веќе е завршено опремувањето на салите во Охрид и во Штип, а денеска ќе заврши во Битола, додека другите три ќе бидат готови до крајот на неделата, за да се сместат сместат 200 000 вакцини што треба да дојдат од Кина на крај на овој месец.
„Според информациите од изутрината, тие околу 28 април треба да се подигнат од Пекинг, на 30 април преку Истанбул да стигнат во Белград, а потоа со специјален синџир на камиони да стигнат во Скопје и ќе бидат сместени во ладната соба во Поликлиниката ‘Јане Сандански’“,
рече Филипче.
Во мај се очекува дополнителна голема количина од 500 000 вакцини на „Синовак“, кои ќе овозможаат соодветно снабдување на сите пунктови за масновна вакцинација. Сè уште нема конкретен одговор за втората количина на „Астра Зенека“ преку Ковакс и од руските вакцини.
