Македонскиот премиер Зоран Заев денеска изјави дека очекува кон крајот на месецов или почетокот на следниот да започне масовната имунизација против ковид-19 во земјава. Кон крајот на месецов, како што изјави Заев од Велес, се очекуваат првите количини преку механизмот Ковакс, а следната недела и вторите дози од руската вакцина „спутник“, со која се вакцинираат здравствените работници.
Според него, на 30 март во Македонија треба да допатува и кинескиот министер за одбрана кој „најверојатно ќе даде и попрецизна информација кога ќе пристигнат кинеските вакцини“.
„Додека не потврдат одлука од ‘Фајзер‘, ‘Спутник‘ или ‘Синофарм‘ дека вакцините се товарени, ние не можеме точно да кажеме кога ќе стигнат. Она што го знаеме, е дека кон крај на март ќе стигнат првите количини од Ковакс механизмот и верувам дека тогаш ќе бидеме подготвени за масовната вакцинација. Мислам дека кон почетокот на следната недела ќе стигнат и вторите дози од „Спутник“ кои се користат за здравствените работници. Покрај здравствените домови и здравствените установи каде може да се врши имунизација, се подготвуваат и дополнителни објекти со цел побрзо да се спроведе масовната имунизација на населението“,
изјави Заев по посетата на фабриката „Брако“ во Велес.
Одговарајќи на новинарски прашања, Заев рече дека очекува солидарност за вакцините пред сѐ од Европската Унија.
„Знам дека комесарот Вархеј прави максимални напори, знам дека легнаа на сметка одредени пари со кои треба да платиме. Тоа се донации, европски пари. Не ги знам деталите, соодветните министри ќе ги соопштат, но знам дека прават се. САД можеа од 850 илјади вакцини, дневно да одвојат 2000 вакцини или 20000 за регионот којшто не е во ЕУ, а е кандидат за членство. Србија се снајде и со своите позиции на НАТО неутрална, направи чекори порано. Ние сите други направивме чекори подоцна и денес сме во иста ситуација. Но, во сложена и комплицирана ситуација се и САД и земјите членки на ЕУ. Буквално и таму атмосферата е иста додека трае процесот на вакцинација“,
изјави Заев.
Претходно, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, преку партиско соопштение, со кое бара одложување на пописот поради ковид-пандемијата, објави дека бројот на починати на дневна основа е над 20, бројот на новозаразени е над 1 000, а Македонија во моментот е трета по смртност во светот и во последните пет по вакцинација.