Европратеникот и известувач за земјава во ЕП додаде дека македонската влада полека, но сигурно, ги спроведува агендите поврзани со малцинствата, коридорите и безбедносните прашања, со што има одреден напредок, но вели дека засега сè уште недостига вистински пробив за напредок на европскиот пат
Известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц, изрази надеж дека по локалните избори, земјава ќе ги направи потребните уставни измени за вклучување на бугарската заедница како малцинство во македонскиот Устав, со цел откочување на евроинтеграциите.

Во изјава за Европската новинска редакција (ЕНР), чиј дел е и Медиумската информативна агенција (МИА), Вајц вели дека усвојувањето на уставните измени ќе го отвори патот за вистински почеток на преговорите.
„Земјата сега е опфатена со пристапниот процес, но всушност ги немаме започнато преговорите. Треба да ги започнеме наскоро за да ја одржиме земјата на вистинскиот пат“,
посочи Вајц.
Европратеникот додаде дека македонската влада полека, но сигурно, ги спроведува агендите поврзани со малцинствата, коридорите и безбедносните прашања, со што има одреден напредок, но вели дека засега сè уште недостига вистински пробив за напредок на европскиот пат.
„Северна Македонија сѐ уште е блокирана од Бугарија. За жал, има многу прашања поврзани со идентитетот што го блокираат нејзиниот напредок“,
вели Вајц во изјавата за Европската новинска редакција.
Бугарскиот претседател Румен Радев за време на вчерашната средба со претседателот на Унгарија, Тамаш Сујок, повика Унгарија да ја убеди Северна Македонија дека промената на Уставот и европскиот консензус по однос на ова прашање се неотповиклив услов за членство во Европската Унија.