Од оваа година новина е тоа што полагањето на испитите наместо во училници, ќе биде во големи простории во училиштата – холови, училишни спортски сали или во друга голема училишна просторија во која има услови за полагање, а целта е да се оневозможи препишувања или масовно споделување на одговори
В сабота во 10 часот, речиси 15 илјади ученици што завршуваат средно образование, ќе го полагаат првиот од двата екстерни испити од државната матура. Учениците сега ќе полагаат мајчин јазик и литература, а вториот испит е изборен и тој ќе се полага на 8 јуни.
Од оваа година новина е тоа што полагањето на испитите наместо во училници, ќе биде во големи простории во училиштата – холови, училишни спортски сали или во друга голема училишна просторија во која има услови за полагање.

Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), организаторот на полагањето на државната матура, за јунската сесија се пријавени 10 088 кандидати за испитот по Македонски јазик и литература, 4 189 за Албански јазик и литература и 315 кандидати за Турски јазик и литература.
За вториот екстерен испит пријавени се 1 356 кандидати за Математика, 13 198 за Англиски јазик, 37 за Француски јазик, 114 за Германски јазик, 84 за Естетика и по еден кандидат за Руски јазик и за Филозофија.
Според видот образование, 6 341 матуранти се од гимназии, 8 230 од стручно и 263 од уметничко образование.
Испитниот материјал ќе им биде доставен во училиштата утрото во деновите кога ќе биде полагањето. При полагањето учениците ќе бидат надгледувани од околу 2 000 тестатори – наставници кои се ангажирани во други, а не во своите училишта, како и околу 200 набљудувачи од ДИЦ, Бирото за развој на образованието, Министерството за образование и наука и од Центарот за стручно образование и обука.
Во голема просторија ќе има и повеќе тестатори на едно место така што оваа новина ќе овозможи подобра контрола на случувањата во текот на испитот и ќе оневозможи препишувања или масовно споделување на одговори, како што се случи минатата година во група на апликацијата Вибер на испитот по Англиски јазик.
Целта на новиот начин на реализирање на испитите е самостојно решавање на тестот и почитување на правилата за полагање кои постојат од воведувањето на државната матура во 2007 година.
Од Државниот испитен центар очекуваат дека оваа промена ќе овозможи подобра работна атмосфера во текот на испитот и можност матурантите да го покажат своето објективно знаење, со што резултатите од матурата, како што вели, ќе бидат генерално поверодостојни.
Директорката на ДИЦ Билјана Михајловска за МИА изјави дека очекува оваа промена да овозможи подобра работна атмосфера во текот на испитот и можност матурантите да го покажат своето објективно знаење, со што резултатите од матурата, како што вели, ќе бидат генерално поверодостојни.
„Апелирам сите да си ја завршат работата – учениците да го покажат своето знаење наместо да се обидуваат да препишуваат, а тестаторите да не дозволат такви обиди. Полагањето во голем простор ќе биде со неколку тестатори, така што и да има некој што се прави дека не гледа што прават учениците, како што се случи лани, ќе има друг тестатор што тоа ќе го види. Набљудувачите што се распоредени во училиштата може да отстранат не само ученик, доколку е прекршен правилникот за полагање на тестовите, туку да отстрани и тестатор кој ’замижува’ на нерегуларности“,
вели директорката на ДИЦ, Билјана Михајловска.
Матурантите кои во јунската сесија нема да ја положат државната матура или не во целост, ќе може да се пријават за августовската сесија кога двата екстерни испита ќе се полагаат на 12 и 14 август.