Организаторите велат дека има многу причини за протест оваа година и дека нема простор за забава на Парадата на гордоста. Ги повикаa ЛГБТИК+ луѓе, сојузници, пријатели, колеги, избрани и биолошки семејства – да излезат на Парадата и да покажат дека не се плашат

Во сабота, на 21 јуни, ќе се одржи шестата по ред Парада на гордоста во Скопје, соопшти Националната мрежа против хомофобија и трансфобија на прес-конференција денеска.
Збирно место за учесниците во 18 часот е паркот „Жена-борец“, а во 19 часот, по кратките поздравни говори ќе започне протестниот марш по скопските улици.
Оваа година, маршот на Скопје Прајд добива нова рута – симболично и буквално, велат организаторите.
„Ова не е прослава – ова е протест. Нема јавна програма, нема забава – само отпор. Во изминатите месеци, видовме како образовниот систем го брише секое спомнување на нашите идентитети, нашите приказни, нашето постоење. Зголеменото насилство, омразата и исмевањето во училиштата не се случајни – тие се последица на институционален срам и молк. Наместо заштита, образовните политики нудат невидливост. Наместо грижа – негирање. И токму затоа ќе застанеме пред ова Министерство, гласни и непокорни – затоа што младите заслужуваат подобро. Затоа што животите на квир учениците вредат. Пред Министерството за образование ќе бидеме гласни за младите ЛГБТИ+ луѓе чија реалност се избришани идентитети и системско насилство.“,
велат оттаму.
Учесниците на Парадата ќе бидат и пред Владата.
„Пред Владата ќе ги испратиме нашите пораки: Доста е од молк за Кочани; Доста е од игнорирање на Законот за правно признавање на род; Доста е од воздржаност пред геноцид“,
велат оттаму.
Оваа година слоганот на Парадата на гордоста во Скопје гласи „Ќе (оп) стоиме заедно!“, кој не е случаен.
„Протестираме не заради традиција, туку затоа што е потребно. Затоа што многу ЛГБТИК+ луѓе и понатаму се третираат како невидливи, несигурни и незаштитени. Затоа што транс лицата сè уште чекаат правно признавање на родот. Затоа што образованието се чисти од секакво споменување на нашите животи. Затоа што сакаме да живееме во општество во кое телата, љубовта и идентитетите нема да се сметаат за закана. Скопје Прајд 2025 не е само настан – тоа е движење. И секој што ќе застане со нас, придонесува за промена“,
кажа Лила Милиќ, активистка за правата на трансродовите луѓе.
Организаторите велат дека има многу причини за протест оваа година и дека нема простор за забава на Парадата на гордоста.