Ова е второ судење за случајот, а со претходната пресуда, тогашниот директор на Клиничката болница Флорин Бесими, економскиот директор, Артан Етеми и Клиничката болница Тетово како правно лице се обвинети за кривичното дело – Тешки дела против општата сигурност
Пресудата за повторениот судски процес за пожарот во модуларната болница во Тетово ќе биде донесена в петок. Денеска во тетовскиот суд се одржа главната расправа на повторното судење на овој случај. Таа заврши со давање завршни зборови на Обвинителството, одбраната на обвинетите Флорин Бесими, Артан Етеми и ЈЗУ Клиничка болница Теетово, како и на застапниците за лицата што настрадаа во пожарот.
Судијата Реџеп Муса најави дека пресудата ќе ја соопшти на 16 мај, в петок.

Во своите завршни зборови, Обвинителството тврди дека доказите понудени во текот на судењето потврдиле дека двајцата директори не поставиле противпожарни апарати во објектот и со тоа сториле тешки дела против општата сигурност. Јавниот обвинител побара двајцата поранешни директори на болницата во Тетово да бидат огласени за виновни.
Адвокатите на Флорим Бесими и Артан Етеми побараа нивните клиенти да бидат изземени од обвинението, тврдејќи дека не носат никаква одговорност за противпожарниот систем во болницата.
Правните застапници на семејствата на жртвите побараа тетовската болница да биде прогласена за виновна и на семејствата да им се признае правото на обесштетување. Нагласија и дека семејствата на жртвите се чувствувале игнорирани во текот на целиот судски процес. Изразија и незадоволство од текот на судењето, бидејќи, како што додаваат, причините за пожарот се уште не се откриени.
Ова е второ судење за случајот, а со претходната пресуда, тогашниот директор на Клиничката болница Флорин Бесими, економскиот директор, Артан Етеми и Клиничката болница Тетово како правно лице се обвинети за кривичното дело – Тешки дела против општата сигурност.
Бесими и Етеми беа осудени на условни казни, а болницата казнета со еден милион денари. Повисокиот суд ја укина пресудата, со што обвинетите се вратија во судница.
Тетовската модуларна болница изгоре на 8 септември 2021 година, а во трагедијата загинаа 14 лица.
И германски истражители ги бараа причините за избувнување на пожарот. Утврдено беше дека пожарот го предизвикал продолжен кабел за струја на кој бил приклучен дефибрилатор и полнач за мобилен теелефон.