Одредени улици ќе бидат целосно или делумно затворени за сообраќај во периодот на одржување на маратонот чиј старт е закажан за 8 часот. Од МВР информираат дека променетиот сообраќаен режим ќе трае до завршувањето на трката, односно до 14 часот
Поради одржување на 21. издание на „Визер Скопски маратон 2025“, в недела во Скопје во сила ќе биде привремен режим на сообраќај. Одредени улици ќе бидат целосно или делумно затворени за сообраќај во периодот на одржување на маратонот чиј старт е закажан за 8 часот изутрина. Од МВР информираат дека променетиот сообраќаен режим ќе трае до завршувањето на трката, односно до 14 часот.

Трасата на трката од 5 километри стартува во на улица „11 Октомври“, продолжува по булевар „Крушевска Република“, булевар „Трета македонска бригада“, на крстосницата помеѓу булевар „Трета македонска бригада“ и улица „Васко Карангелевски“ и по истата траса назад до целта – Плоштад „Македонија“.
Маратонската, полумаратонската и штафетната трка ќе започнат од улица „11 Октомври“ пред Собранието, во правец по улица „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Трасата продолжува до крајот на булеварот и право по улица „Васил Чакаларов“, а од населбата Хром, продолжува полукружно по истите улици и булевари.
„По враќањето кај Собранието, тркачите ја продолжуваат трасата по улица ’11 Октомври’ кон Црвен крст, вртат кај Тутунски комбинат лево на булевар ‘Крушевска Република’ и десно на ‘Трета македонска бригада’. По неа ќе се трча до раскрсницата кај ‘Американ колеџ’ и ќе се врти лево по улица ‘Васко Карангелески’. Потоа ќе трчаат право сѐ до раскрсницата со булевар ‘Јане Сандански’. На раскрсницата ќе се врти десно и ќе се трча сѐ до раскрсницата со булевар ‘Србија’, каде што се врти полукружно во истата коловозна страна (другата страна од булеварот е слободна за сообраќај во правец кон Центар) и ќе трчаат до пред раскрсницата кај ‘Тобако 2’. Тркачите полукружно ќе се враќаат до раскрсницата кај ‘Сансет’, улица ‘Васко Карангелески’, десно до крај и повторно десно ќе излезат на ‘Трета македонска бригада’. Трчаат по истата патека до Собрание, со тоа што полумаратонците финишираат на Плоштад ‘Македонија’, а маратонците трчаат уште еден круг“,
наведуваат од МВР.
Министерството за внатрешни работи апелира граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по улиците по кои ќе биде пренасочуван сообраќајот.
На годинашниот скопски маратон се пријавени рекорден број тркачи.