Според информациите од ДИК, во Гостивар одзивот бил 33,31 отсто, во Врапчиште – 25,18, во Маврово и Ростуше – 30,31 и во Центар Жупа – 21,49 проценти

Во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од локалните избори 2025, ќе биде спроведена нова изборна постапка за избор на градоначалници во четири општини – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше. Нова постапка ќе биде спроведена затоа што во првиот круг од локалните избори што се одржаа на 19 октомври во овие општини имаше недоволен цензус.
Од Државната изборна комисија (ДИК) велат дека во овие општини не се постигнала законската излезеност од најмалку една третина односно 33,3 отсто од запишаните гласачи. Оваа излезеност е услов за изборите да се сметаат за успешни.
„Доколку во првиот круг од гласањето за избор на градоначалник на општината, односно градоначалник на градот Скопје не излезат една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот од избирачкиот список за соодветната општина, односно градот Скопје, се повторува целата изборна постапка за соодветната општина“,
се вели во членот 132, став 2 од Изборниот законик.
Според информациите од ДИК, во Гостивар одзивот бил 33,31 отсто, во Врапчиште – 25,18, во Маврово и Ростуше – 30,31 и во Центар Жупа – 21,49 проценти.
Во членот 132-а, пак, се вели дека повторените избори од членот 132, став 2 за соодветната општина се одржуваат во рок најдоцна 60 дена по објавување на конечните резултати, при што нема да се применува условот предвиден во членот 132, став 1 од овој законик, што се однесува на излезеноста од една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина.
Така, целиот прв круг за овие општини ќе се повтори, а новата изборна постапка ќе започне во рок од 60 дена по објавувањето на конечните резултати од локалните избори 2025.
Вториот изборен круг од локалните избори е закажан за в недела, кога ќе се бираат градоначалници во 32 општини и во Град Скопје.
Во првиот изборен круг беа избрани градоначалници во 44 општини.
Инаку, денеска од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола почна дистрибуцијата на 1 013 357 избирачки ливчиња за гласањето на вториот круг на локалните избори 2025. В сабота гласаат болните и изнемоштените, затворениците и лицата во домашен притвор, чии пријави се прифатени од општинските изборни комисии. Локалните избори, според информациите на ДИК, ќе ги следат 1 569 набљудувачи, од кои 904 домашни и 651 меѓународни, а акредитирани за известување од изборите се и 14 странски новинари.
