Крстевски изрази очекување дека обвинителството ќе реагира брзо и ефикасно, за, како што рече, да не се случи „Пулс 2“
В.д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски, денеска на прес-конференција информира дека поднесува кривични пријави против угостителски објекти во градот поради узурпација и бесправна градба. Вели дека и три месеци по трагедијата во „Пулс“, во Кочани сѐ уште има угостителски објекти кои работат спротивно на законските прописи и стандарди, со тоа загрозувајќи ја безбедноста на граѓаните.

Изрази очекување дека обвинителството ќе реагира брзо и ефикасно, за, како што рече, да не се случи „Пулс 2“.
„Можам да констатирам дека на угостителите кои работат нерегуларно и незаконски поважен им е личниот профит, отколку безбедноста и здравјето на граѓаните. Загрозени се жителите во тие згради, но и посетителите на нивните објекти. Тоа нема да го толерирам зашто ова е најтешкиот период во поновата историја на Кочани. Не смееме да замижиме по огромната несреќа и да дозволиме институциите сѐ уште да не функционираат“,
рече Крстевски на прес-конференцијата пред ОЈО Кочани.
В.д. градоначалникот додаде и дека е даден налог до општинската инспекторка за животна средина да ги провери сите елаборати на угостителските објекти за да се утврди дали тие соодветствуваат со нивната фактичка состојба.
„Ги прашувам надлежните институции, како што е Државниот пазарен инспекторат, дали се прават контроли и зошто се толерира работењето во дивоградби. Дали Агенцијата за храна и ветеринарство издала ХАСАП-дозвола за објекти што подготвуваат храна ако кујните им се дивоградби и имаат броила за струја што се во непосредна близина на фритезите? Како е можно во тие објекти да има легален приклучок на електричната мрежа и да се прават елаборати што не се соодветни со реалната состојба, слично како во ‘Пулс’“,
рече Крстевски.
Информира дека во прилог на кривините пријави кои ги поднесе до ОЈО Кочани се доставени документи како пример од судската пракса за слични постапки со кои се отстранети објекти во други општини.