„Откако сум дојден, денес немаше официјално ниту известување ниту одлука поврзана со именувањето на повереник“, вели Лимани

Вршителот на должноста градоначалник на Општина Гостивар, Ваљбон Лимани, денеска го напушта кабинетот, иако до него сè уште не е пристигнато официјално известување за назначувањето на владиниот повереник.
Лимани, во телефонски разговор за МИА, потврди дека денес му е последен работен ден во општинската зграда, каде што завршувал некои формалности и се поздравувал со вработените.
„Откако сум дојден, денес немаше официјално ниту известување ниту одлука поврзана со именувањето на повереник. Денес сум во општинската зграда да завршам некои формалности и да се поздравам со вработените, всушност ова е мојот последен работен ден во општината“,
рече Лимани.
Лимани најави дека ќе поднесе жалба до Уставниот суд против одлуката на Владата за именување на Фадил Џелили за повереник. Тој смета дека одлуката на Владата е незаконита, а чекорот ќе го преземе откако ќе го добие официјалниот документ.
Лимани и по завршувањето на локалните избори рече дека најавите за негова смена преку назначување владин повереник се незаконски. Лимани своето тврдење го темели на Законот за локална самоуправа.
„Јас сум избран како в.д. градоначалник минатата година, во јули, согласно Законот за локална самоуправа, член 54 и потоа член 4 кој беше сменет во меѓувреме и кој вели дека имам мандат до избор на нов градоначалник“,
вели Лимани.
Тој не можеше да одговори на прашањето кога владиниот повереник Џелили ќе ја преземе функцијата и дали ќе дојде во општинската зграда.
Одлуката на Владата за именување повереник доаѓа по неуспешните локални избори, на кои Лимани, како кандидат на коалицијата Национална алијанса за интеграции (НАИ), освои мнозинство гласови, но му недостасуваа 22 гласа за да го помине законскиот цензус.
Лимани посочи дека пред локалната самоуправа претстојат предизвици, како што се носењето на буџетот и програмите за работа за наредната година, но изрази надеж дека нема да има застој во овие процеси.
На крајот, Лимани потврди дека ќе биде кандидат за градоначалник и на повторените избори кои се закажани за 11 јануари идната година.
