Според неговиот адвокат Асмир Алиспахиќ, имаат голем број докази со кои ќе докажат дека Рустеми преземал дејствија за обезбедување потребна механизација, барање поголеми ресурси, како и вработување во претпријатието, но не му било одобрувано од Управниот одбор
Сабахадин Рустеми, в.д. директорот на ЈП „Комунална хигиена“, си поднесе оставка од функцијата поради морални причини, соопшти вчеравечер неговиот адвокат Асмир Алиспахиќ по распитот во Кривичниот суд.

Поради основано сомнение за кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад, Кривичниот суд вчера им изрече мерка притвор од 30 дена на Рустеми и на Аки Саити, управител за отпад, поради опасност од влијание врз сведоци и можност за повторување на делото.
Според неговиот адвокат, оставката Рустеми не ја дава зошто се чувствува одговорен за ситуацијата со сметот во Скопје, туку да не влијае на истрагата.
„Неговата оставка е по советување и координација со нас како бранители. Тоа е чин што ќе овозможи непречено водење на истрагата со цел да докажеме дека истиот нема никаква поврзаност, а во насока дека ниту може да влијае, ниту влијаел, ниту ќе попречи какво било водење на истрагата“,
кажа Алиспахиќ во изјава за медиумите.
Како што додаде, имаат голем број докази со кои ќе докажат дека Рустеми преземал дејствија за обезбедување потребна механизација, барање поголеми ресурси, како и вработување во претпријатието, но не му било одобрувано од Управниот одбор.
„Станува збор за ретко кривично дело, што не толку често се појавува во нашиот кривично-правен систем. Станува збор за членот 230 од Кривичниот законот, кој со измените од 2023 година добива еден поголем опсег“,
рече тој.
В.д. директорот Рустеми е поставен на функцијата во „Комунална хигиена“ од страна на градоначалничката Данела Арсовска на почетокот на годината.
Основниот кривичен суд Скопје вчера го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство Скопје и определи мерка притвор од 30 дена за двајца раководители од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, поради основано сомнение за кривично дело – загрозување на животната средина и природата со отпад.
Тие се осомничени дека сториле кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад бидејќи постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на основната дејност на претпријатието за редовно собирање и транспортирање на комуналниот смет на територија на Град Скопје.
Вонредните инспекциски надзори и експертското мислење од Институтот за јавно здравје потврдиле дека ваквото управување со отпадот предизвикало оштетување на почвата, воздухот и водата, со потенцијална опасност по здравјето на граѓаните.
