Во врска со прашањето за дивоградбите, од општината потенцираат дека станува збор за комплексен проблем кој не е создаден во текот на актуелниот мандат. Тие тврдат дека не поддржуваат дивоградби и дека е потребна тесна соработка со централната власт за конечно воспоставување ред и заштита на природното наследство на Охрид

Извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) се однесува на период од шест години (2019–2024) и опфаќа повеќе мандатни периоди, велат од Општина Охрид.
Реакцијата од Општина Охрид доаѓа откако ревизорите го објавија Извештајот и изразија мислење со резерва или неповолно мислење на финансиските извештаи за 2024 година.
Според Општина Охрид, добар дел од утврдените слабости се резултат на долгогодишни практики и наследени состојби.
Оттаму посочуваат дека треба да се прави разлика помеѓу забелешки и препораки и оти по приемот на извештајот веќе е почнато со имплементација на препораките.
„По приемот на извештајот, Општина Охрид без одлагање започна со имплементација на препораките, преку дефинирање конкретни мерки, рокови и одговорни лица, со цел унапредување на финансиското, административното и институционалното работење. Општина Охрид од Државниот завод за ревизија има добиено препораки во однос на неколку сегменти од работењето“,
се наведува во реакцијата.
Во врска со прашањето за дивоградбите, од општината потенцираат дека станува збор за комплексен проблем кој не е создаден во текот на актуелниот мандат. Тие тврдат дека не поддржуваат дивоградби и дека е потребна тесна соработка со централната власт за конечно воспоставување ред и заштита на природното наследство на Охрид.
Од локалната власт додаваат и дека кај нив не се пристапени или дојдени во контрола претставници на Основното јавно обвинителство.
„Би сакале да појасниме дека Државниот завод за ревизија по службена должност и во рамки на законската регулатива треба да го достави Ревизорскиот извештај до ОЈО. Тоа е вообичаена законска процедура од која Општина Охрид не е исклучок. Доколку има потреба нашата администрација стои на располагање за обезбедување на целокупната документација на надлежните органи, која е опфатена во ревизорскиот извештај“,
се наведува во соопштението.
Од Општина Охрид посочуваат и дека селективно, тенденциозно и сензационалистичко презентирање информации не придонесува кон објективно информирање и не е во интерес на јавноста.
„Општина Охрид останува цврсто определена за транспарентно, законско и одговорно работење и ќе продолжи редовно и навремено да ја информира јавноста за сите преземени активности“,
стои во реакцијата.
Државниот завод за ревизија пред неколку дена во објавениот Извештај посочува низа неправилности и нерегуларности во работењето на локалната самоуправа, констатирани состојби, неправилности и неусогласености во работењето на Општината и поради нивното значење е изразено мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година.
Според ДЗР, на 19 декември 2025 година ревизорскиот извештај за Општина Охрид е доставен до државното јавно обвинителство. Оттаму велат дека извештајот е доставен на надлежно постапување во охридското обвинителство.
