Што се однесува до евентуално коалицирање на Движењето ЗНАМ, Мемов рече дека е јасен ставот на партијата оти на претстојните избори ќе настапат самостојно, додека, пак, за евентуално постизборно коалицирање, вели, ќе се прави врз основа на изборните резултати

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска ги претстави кандидатите за пратеници во сите шест изборни единици за претстојните парламентарни избори закажани на 8 мај, откако вчера Извршниот и Централниот одбор на партијата, со акламација ги утврдиле кандидатските листи.
Кандидатите на Движењето ЗНАМ, како што рече портпаролот Никола Мемов, се луѓе кои се нови во политиката и стручни во областите во кои работат.
Во изборната единица еден, листата на ЗНАМ ќе ја предводи Бобан Карапејовски, професор на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и член на Извршниот одбор на Движењето ЗНАМ.
Носител на листата во втората изборна единица ќе биде директорот на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ во Куманово и претседател на општинската организација на партијата, Даниел Стојчевски.
Во „тројката“, носител на листата ќе биде уште еден од потпретседателите на Движењето, Павле Арсовски, генерал-мајор во пензија и доктор по историски науки.
За носител во изборна единица четири партијата го номинира Миле Цеков, претседател на Стопанска комора на југоисточна Македонија, кој е и претседател на општинската организација на Движењето ЗНАМ.
Изборната единица пет ќе ја предводи Весна Бендевска, дипломиран психолог, како и поранешна пратеничка во Собранието на Република Македонија, а носител на изборната единица шест ќе биде Небојша Захариевски, магистер по правни науки.
„За разлика од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, каде што во голема мера ги номинираа досегашните пратеници во Собранието на Република Македонија и не понудија ништо ново во кадровска смисла, Движењето ЗНАМ – За наша Македонија на листите за пратеници номинира луѓе кои се нови во политиката, стручни во областите во коишто работат, авторитетни и препознатливи во своите средини. Луѓе кои имаат веќе политичко искуство со чист образ. Веруваме дека граѓаните на Македонија ќе ја препознаат разликата во квалитетот на кандидатите за пратеници и довербата ќе ја дадат на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија“,
рече Мемов.
Што се однесува до евентуално коалицирање на Движењето ЗНАМ, Мемов рече дека е јасен ставот на партијата оти на претстојните избори ќе настапат самостојно, додека, пак, за евентуално постизборно коалицирање, вели, ќе се прави врз основа на изборните резултати.
