Семејна трагедија на Словенска плажа во Будва: Осомничениот по убиството седел во кафуле и ја чекал полицијата
Будванецот Веско Станишиќ е уапсен поради сомнение дека со огнено оружје ги убил својот брат Светислав Станишиќ и еден од неговите внуци во близина на локал на Словенска плажа, едно од најфреквентните туристички места во градот.
Полицијата за пукотниците била алармирана околу осум часот. Веднаш по добивањето на информацијата, полициските службеници излегле на лице место и го затекнале и уапсиле осомничениот Веско Станишиќ, кај кого било и оружјето користено при злосторството.

Неофицијални информации посочуваат дека претходниот ден меѓу браќата се случила жестока кавга, при што осомничениот Веско Станишиќ наводно изјавил дека „ќе стави крај на сè“. Утрово, на штанд покрај локалот каде штпбиле Светислав Станишиќ и неговите двајца внуци, Веско прво го застрелал својот брат, а потоа и еден од внуците, додека вториот внук успеал да избега.
По извршувањето на злосторството, Веско мирно седнал во блискиот кафе-бар и ја чекал полицијата, која брзо реагирала и го лишила од слобода. Портпаролот на полицијата потврди дека осомничениот е во притвор, а истрагата за мотивите и околностите е во тек.
Надлежниот јавен обвинител пристигна на лице место за да ја води натамошната истрага и целосно да го расветли случајот.