Појава на снег во 7 часот има во Берово и Прилеп
Од 07:15 часот е воведена забрана за сообраќај на тешки товарни возила и на патниот правец Кичево – Охрид преку планинскиот премин Пресека
Утрово преовладува променлива зголемена облачност понекаде со слаб до умерен дожд кој на крајот од ноќта во Крива Паланка премина во снег. Појава на снег во 7 часот има во Берово и Прилеп.
Околу полноќ во северните делови на земјава започна да дува засилен ветер од северен правец. Умерен до силен северен ветер, претежно долж Повардарието, се задржа преку ноќта, а утринава ветерот е најсилен во Штип каде што дува со брзина и од над 55 км/час.
Најниска температура во земјава изутринава е измерена во Лазарополе -4 и во Маврово -3. На останатите места насекаде е над нулата, а максимални шест степени се измерени во Гевгелија, соопшти УХМР.
Во Лазарополе наврна и најмногу снег 28 сантиметри, на Попова Шапка снежната покривка е 21, а во Маврово 11 сантиметри.
Најмногу дожд, пак, во изминатите 24 часа наврна во Охрид 34 литри на метар вадратен, потоа во Дебар 32, Маврово 29, Тетово 24, Крушево 21, Скопје 15, а најмалку во Гевгелија пет литри.
Од 07:15 часот е воведена забрана за сообраќај на тешки товарни возила и на патниот правец Кичево – Охрид преку планинскиот премин Пресека.
Забрана за камиони има и на планинскиот превој Стража, на патниот правец Тетово – Попова Шапка, како и на планинскиот превој Ѓавато. За останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема, информиаат од АМСМ и ЈП Македонијапат.
На останатите патишта сообраќајот се одвива по влажни коловози, на некои повисоки места има остатоци од кашест снег на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 15 ноември започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март 2022 година.