Од ЦУК велат дека до утринава локализирани се два пожари, а изгаснати се 22

До 7 часот утринава во земјава регистрирани се вкупно 31 пожар на отворен простор од кои седум се активни, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Локализирани се два пожари, а изгаснати се 22.
Од ЦУК велат дека два активни пожари има во Општина Македонски Брод. Едниот е помеѓу селата Црешнево, Локвица и Слатин каде што гори деградирана дабова шума и грмушки. Вториот пожар е во селото Самоков каде што е опожарен лесно запалив материјал.
Сè уште е активен и пожарот во Општина Чучер Сандево помеѓу селата Блаце и Чучер каде што гори мешана шума и ниска вегетација.
Според информациите од ЦУК, нискостеблеста шума гори кај селото Николиќ кај Општина Дојран.
Активни пожари има и во Општините Бутел и Кавадарци, кај селата Љубин и Крушевица, каде што гори ниска вегетација.
Од ЦУК велат дека активен е и шумски пожар во Општина Чашка, под Солунска глава каде што има само чад во карпест предел.
Поради зголемена појава на пожари, Владата вчера на седница донесе одлука со која на целата територија на државата се прогласува кризна состојба во времетраење од 30 дена.
Со ваквата одлука се овозможува координирано дејствување на сите надлежни институции – армијата, полицијата, противпожарните единици, Центарот за управување со кризи (ЦУК), Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и локалните самоуправи.