На седницата ќе се разгледа сегашното ниво на имплементација на законските одредби, со посебен акцент на неопходноста од донесување нов Закон за оружје и со таа регулатива се планираат поригорозни контроли и построги услови за издавање дозволи за чување и носење мало огнено оружје
Итни мерки за откривање и конфискација на нелегално оружје, јакнење на безбедносните институции и подготовка на нов Закон за оружје со построги контроли за издавање дозволи се теми на кои утре ќе се разговара на вонредна седница на Советот за национална безбедност, а која е свикана од црногорскиот премиер Милојко Спајиќ.
Свикувањето на седницата доаѓа поради трагичниот настан што се случи на Цетиње, во кој беа убиени 12 лица, а сторителот на повеќекратното убиство се самоуби.
На седницата ќе присуствуваат главниот специјален обвинител Владимир Нововиќ и високиот државен обвинител Милорад Марковиќ.
„За време на седницата, Советот ќе се фокусира на клучните предизвици во откривањето и одземањето на нелегалното оружје и ќе предложи низа мерки насочени кон борба против криминалот и заштита на граѓаните“,
се вели во соопштението од црногорската Влада.
На дневен ред ќе биде и иницијатива за спроведување вонредни акции во сите градови на Црна Гора за откривање и одземање на нелегалното оружје, а ќе се разгледа и сегашното ниво на имплементација на законските одредби, со посебен акцент на неопходноста од донесување нов Закон за оружје. Со таа регулатива, се додава во соопштението, се планираат поригорозни контроли и построги услови за издавање дозволи за чување и носење мало огнено оружје.
„На дневен ред ќе биде и јавниот конкурс за нови полициски службеници, како и проценка на примената на актуелните закони,“
се наведува во соопштението.
Во Црна Гора денеска е првиот ден од тридневната жалост по убиството што се случи на првиот ден од 2025 година.
Осомничениот за ова повеќекратно убиство и ранување на најмалку четири лица Ацо Мартиновиќ се самоуби. Тој почина при транспортот кон болница.
Здравствената состојба на тројца ранети во пукањето во Цетиње е стабилна, но нивните животи сè уште се во животна опасност, додека четвртиот е во критична состојба, соопштија утрово лекари од Клиничкиот центар на Црна Гора во Подгорица (КЦЦГ), каде што на повредените им е укажана помош.
Ацо Мартиновиќ злосторството го започнал во ресторанот „Велестово“ во близина на Спортскиот центар во Цетиње, а потоа продолжил и надвор од него.
Се случил инцидент меѓу Мартиновиќ и гостин на ресторанот. Тој отишол дома, зел пиштол и се вратил во ресторанот. Таму убил четири лица.
Потоа убил неколку члена на своето семејство, како и две деца на возраст од 10 до 13 години.