Во странство треба да отпатуваат 191 лице кои во дипломатските претставништва и конзуларните канцеларии во вторник, на 23 април, ќе ги спроведат изборите во дијаспората за кои се пријавија 2 571 наш државјанин
Со изјаснување на членовите на 31 избирачки одбор, кои ќе го спроведат гласањето на дијаспората во странство, утре ќе почне гласањето за претседателските избори закажани за 24 април, односно идната среда.

Членовите на овие избирачки одбори пред заминувањето во странство ќе гласаат во просториите на Државната изборна комисија (ДИК).
Инаку, во Избирачкиот список се запишани и во странство треба да отпатуваат 191 лице кои во дипломатските претставништва и конзуларните канцеларии во вторник, на 23 април, ќе ги спроведат изборите во дијаспората.
Гласање на претседателските избори, врз основа на прифатените 2 571 пријави на наши државјани, треба да се спроведе во Абу Даби во Обединетите Арапски Емирати, каде што се пријавени 26 македонски државјани за гласање, во Белград (Србија), пријавени се 31, во Берлин (СР Германија) 260 наши државјани, во Берн (Швајцарија) -186, Бон (СР Германија) – 164, Брисел (Белгија) – 93, Вашингтон (САД) – 34, Венеција (Италија) – 79, Виена (Австрија) – 123, Детроит (САД) – 34, Загреб (Хрватска) – 87, Канбера (Австралија) – 31, Копенхаген (Данска) – 74, Лондон (Велика Британија) – 87, Љубљана (Словенија) – 332, Минхен (СР Германија) – 166, Мелбурн (Австралија) – 64, Њујорк (САД) – 85, Осло (Норвешка) – 41, Париз (Франција) – 44, Прага (Чешка) -52, Рим (Италија) – 30, Стокхолм (Шведска) – 85, Торонто (Канада) – 117, Хаг (Холандија) – 65, Чикаго (САД) – 88, Анкара (Турција) – 18, Варшава (Полска) – 23, Мадрид (Шпанија) – 18, Пекинг (Кина) – 12 и во Софија (Бугарија), пријавени за гласање се дваесет и двајца наши државјани.
Организацијата и спроведувањето на двојните избори (претседателски и парламентарни) е во тек, а Државната изборна комисија (ДИК) ја започна дистрибуцијата на недоверливиот материјал, додека доверливиот материјал ќе започне да се дистрибуира в недела.
Гласањето за првиот круг на претседателските избори е в среда, на 24 април, а еден ден претходно гласаат дијаспората, болните и изнемоштените, како и лицата во притвор и оние што се на издржуваат казни во казнено-поправните установи во земјава.