Тестирањето на учениците ќе се спроведува во просторија одредена од страна на училиштето, а тестирањето ќе трае помалку од една минута, со земање брис од грлото и од носната шуплина
Со тестирање на 258 средношколци во Скопје, утре започнува скринингот на учениците. Ќе се спроведе во девет средни училишта во Скопје, а понатаму продолжува во Кривогаштани, Берово, Вевчани, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Зрновци, Конче, Лозово, Могила, Новаци, Пехчево, Старо Нагоричане и Центар Жупа.
Тестирањето на учениците ќе се спроведува во просторија одредена од страна на училиштето, а тестирањето ќе трае помалку од една минута, со земање на брис од грлото и од носната шуплина.
Целта на скринингот, велат од Министерството за здравство, е рано детектирање и евентуално пронаоѓање на асимптоматски носители на коронавирусот помеѓу учениците. Со релевантните податоци ќе се добие целосна слика на трансмисија на вирусот во училиштата, во интерес на децата.
За спроведување на скринингот во претходниот период се обезбедуваа согласности од родителите. Од МЗ апелираат на поддршка од родителите и старателите, потенцирајќи дека скринингот ќе обезбеди безбедно одвивање на наставата и заштита на здравјето на децата.