Вицепремиерот Бујар Османи во неговото денешно гостување на ТВ 24 најави дека утре веројатно ќе има олабавување на мерките, ако утрешните бројки не се драматични.
„Одредена анализа на Комисијата за заразни болести покажа неколку аспекти во смисла на бројката за денеска да кажат дека има услови делумно да се олеснат мерките во одредени сегменти и тој предлог на Комисијата утре ќе се разгледа на седница на Владата. Јас очекувам ако не се случи нешто лошо, драматично, во смисла на влошување на состојбата со бројките утре за одредени сегменти кои се помалку ризични да се олесни функционирањето“,
рече Османи.
Меѓу примерите кои ги посочи тој се работата на автошколите, индивидуалните спортови.
„Најдобро е дебатата прво да се заврши во Владата па после да се комуницира, но ете ќе кажам неколку примери од типот на автошколите или индивидуални спортови, кои имаат помал ризик, да се ослободат во втора транзициска фаза имајќи предвид дека предлогот на Комисијата е да има втора и трета транзициска фаза, комплетно ослободување на повеќето сектори“,
рече Османи.
Во однос на градинките тој рече дека има дебата и оти е потребно внимателно да се одлучи наведувајќи дека читал некои трудови дека мал е ризикот вирусот да се пренесува од деца на возрасни и дека отворањето на градинките е поврзано со економијата односно кога тие би се отвориле родителите би можеле да се вратат на работа.
И во однос на рестораните, вицепремиерот рече дека дебататите траат. Има предлог, нагласи, да работат само терасите, но тука има спротиставени ставови дека на тој начин ќе работат само големите ресторани, а оние кои немаат тераси воопшто нема да можат да работат.
