Од Собранието соопштија дека рокот за пријавување ќе трае десет дена
Огласот за избор на нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе биде објавен утре, соопштија денеска од Собранието.

Огласот треба да биде објавен во Службен весник и во два печатени медиуми.
„Рокот за пријавување ќе трае десет дена“,
се вели во соопштението од Собранието.
Понатамошните фали од постапката ќе се спроведат согласно роковите и процедурите утврдени во член 12 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувања на 31 јули донесе одлука за распишување јавен оглас за именување на нов претседател и член на Државната комисија, по оставката на претходната антикорупционерка Татјана Димитровска.
Димитровска поднесе оставка на 25 јули, во која се повика на чл. 14 став 1 алинеја 1 од Законот за спречување на корупција без друго образложение.
Неколку дена претходно Обвинителството за гонење организиран криминал поднесе обвинение против неа за две кривични дела – за оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“, и за компјутерски фалсификат затоа што ревизор од ДЗР во нејзино име го положил тестот за сертификат за државна тајна.
На 29 јули Собранието ја констатираше нејзината оставка.