Организаторите ги повикуваат и граѓаните масовно да се вклучат во акцијата и да го исклучат непотребното осветлување во своите домови
Утревечер, во 20:30 часот по локално време, во период од еден час, над 7 000 града во 180 земји ширум светот ќе „потонат“ во мрак во рамки на глобалната еколошка акција Часот на планетата Земја.
Дел од оваа акција, 12. година по ред, ќе биде и земјава, па светлата на повеќе локации во Скопје и Охрид ќе бидат исклучени.
Во главниот град, од 20:30 до 21:30 часот утре ќе нема светла во: претседателската вила „Водно“, Владата, плоштадот „Македонија“, сите објекти и мостови по кејот на реката Вардар, скопската тврдина Кале, „Порта Македонија“, парковите во скопските општини Аеродром и Карпош. Во Охрид, пак, дел од акцијата ќе бидат: е Самуиловата тврдина, кејот „Македонија“ и црквите „Света Софија“, „Плаошник“ и „Канео“.
Во акцијата ќе се вклучат и Црвениот крст, како и познати хотели и компании.
Организаторите ги повикуваат и граѓаните масовно да се вклучат во акцијата и да го исклучат непотребното осветлување во своите домови.
„Како што акцијата ќе патува низ часовните зони, милиони луѓе ширум светот виртуелно ќе се обединат во испраќање на порака за солидарност со проблемите со кои се соочува планетата Земја. Со докази што упатуваат на тесна поврзаност помеѓу уништувањето на природата и светските пандемии, како таа со ковид-19, оваа година преку светскиот едночасовен мрак ќе се алармира дека зачувувањето на природата и биодиверзитетот, намалувањето на ефектот од климатските промени и одржливото живеење се пресудни за нашата иднина на оваа планета“,
пишува во соопштението од организаторите.
Покрај исклучувањето на светската, онлајн ќе се организира и климатска конференција под мотото „Дали природата го возвраќа ударот?“, на која ќе учествуваат претставници на УНДП во Северна Македонија, на локалната власт, на Собранието, бизнис-секторот и невладините организации.