Од СДСМ за ТВ 24 само потврдиле дека уште една средба меѓу двајцата лидери сигурно ќе има, но до понеделник
Утревечер и дефинитивно ќе се знае дали Алтернатива ќе влезе во Владата откако ќе заседава Централниот совет на партијата, изјавиле од Алтернатива за ТВ 24. Но, не се знае дали веднаш по партискиот состанок ќе следува и средба меѓу лидерот Африм Гаши и премиерот Зоран Заев. Од СДСМ, пак, за истата телевизија само потврдиле дека уште една средба меѓу двајцата лидери сигурно ќе има, но до понеделник.
По вчершната средба, Гаши изјави дека може да се каже дека има напрадок и дека следуваат консултации во партиите.
И од владината прес-служба потоа соопштија дека на средбата е констатиран евидентен напредок во усогласувањето на ставовите околу дополнувањето на содржинскиот дел на програмата на Владата, а разменети се идеи и видувања од двете страни за споделување на одговорностите на највисоко ниво во институциите на централната власт, и дека се очекува до крајот на оваа недела да се остварат потребните консултации низ партиите и да се обезбеди потребното усогласување со цел постигнување договор за можна заедничка Влада, која ќе се посвети на предизвиците кои доаѓаат од пандемијата и глобалната енергетска криза и која без задршка ќе ги остварува зацртаните стратешки цели на Република Северна Македонија.