Со законските измени се намалуваат и царинските стапки за 67 стоки, главно суровини и репроматеријали што се користат во домашната индустрија
Собранието денеска ги усвои измените на Законот за царинската тарифа со кои се врши намалување на царинските стапки за 67 стоки, претежно суровини и репроматеријали што се користат во домашната индустрија.

Дополнително, со усвоените законски измени се укинуваат царините за увоз на стоки со потекло од САД.
Законското решение е на предлог на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Согласно усвоените законски измени, се врши намалување на царинските стапки до 50 отсто од нивото на царините кои важат во ЕУ, согласно правилата на Светската трговска организација, што, како што наведуваат од Министерството за финансии, ќе придонесе за поголема усогласеност и хармонизација со царинската тарифа на Европската Унија, приспособено на економските потреби на македонското стопанство.
Според Финансии, особено значајна е мерката за намалување на царинската стапка на литиум-јонските батерии за складирање електрична енергија, што, како што наведуваат оттаму, ќе придонесе за развој на енергетскиот сектор, подобрување на стабилноста на електроенергетскиот систем и поддршка на инвестициите во обновливи извори.
Целосната либерализација на увозот на стоки со потекло од САД, пак, како што додаваат оттаму, има за цел да ја засили конкуренцијата на домашниот пазар и испраќа позитивна економска порака во меѓународната трговија, со што се поттикнува воспоставување реципроцитет и продлабочување на стратешкото партнерство меѓу двете земји.