Од Општина Аеродром велат дека целосно неточни се тврдењата за наводна бетонизација на општината и дека тие одат во прилог на дневнополитичките интереси на одредени политички структури, чија деструктивност, неодговорност и несериозност веќе е потврдена во неколку наврати
„Тимчо Муцунски ја изневери довербата на жителите на Аеродром. Мандатот го започна со иницијативи за бришење на градежни маркици, а го завршува со ’бетонизација’“, велат од СДСМ
Од иницијативата „Да го зачуваме Лисиче“ за денеска најавуваат протест пред зградата на Општина Аеродром
Речиси една година откако Општина Аеродром го презентираше коригираниот Детален урбанистички план (ДУП) за населбата Лисиче, вчера на седница на Советот беше ставен на дневен ред како дополнителна точка и беше изгласан.
Планот, според информациите од Општина Аеродром, предвидува изградба на една зграда и два парка, а решава важни урбанистички и комунални прашања на граѓаните кои живеат во овој дел од општината.
Минатата година во април, жителите на Лисиче реагираа дека со донесувањето на овој ДУП ќе се овозможи бетонизација на населбата и на јавната анкета поднесоа над 100 забелешки.
Во меѓувреме, додека општината ги разгледуваше забелешките од јавната анкета, во неколку наврати беа организирани протести на раскрсницата меѓу булеварите „12 Македонска бригада“ и „Србија“, односно пред локацијата за која се однесува Деталниот урбанистички план.
Најава за нов протест
Жители на населбата Лисиче за денеска најавуваат нов протест, овој пат пред зградата на Општина Аеродром.
„Ве повикуваме сите комшии и активисти против оваа бетонизација да дојдат во 18:30 часот на 30.5.2024 г. пред Општина Аеродром и да кажеме уште едно не за судбината што ни ја скроија. Се гледаме во 18:30 пред Општина Аеродром“,
пишува во објавата на иницијативата „Да го зачуваме Лисиче“ на Фејсбук.
Оттаму велат дека со тоа што ДУП за градска четврт ЈИ0901 блок 09.01, без претходна најава, е ставен на дневен ред за гласање, е оневозможено тој да биде оспорен од советничката група на Левица и од неформалната иницијатива.
„Практично, ускратено ни е правото да се организираме на ненасилен протест со којшто би го блокирале носењето на ДУП“,
се додава во објавата од „Да го зачуваме Лисиче“.
Според нив, со ваквиот потег, градоначалникот на Аеродром и ВМРО-ДПМНЕ ќе останат запаметени, како што велат, како предавници на граѓаните кои ги гласале.
„Историјата ќе го памети градоначалникот Тимчо Муцунски и партијата ВМРО-ДПМНЕ како предавници на граѓаните кои ги гласале, одејќи против нивната волја, искажана на повеќе од три анкетни листови, а за свои лични и партиски лукративни интереси. Ветивме само чесна и искрена борба против градежната мафија, и останавме достојни на себеси, но корумпираните советници на ВМРО-ДПМНЕ ја одлучија нашата судбина. Овој ден ќе биде запаметен во историјата како ден кога населба Лисиче како што сите ние ја знаеме, умре“,
велат од „Да го зачуваме Лисиче“.
СДСМ: Спорниот ДУП изгласан на „шверцерски“ начин
Со реакција денеска излегоа и од СДСМ, од каде што велат дека градоначалникот Муцунски по три години управување со општината, ќе остане запаметен по нереализирање на ниту еден проект и само по усвојување на ДУП со кој отпочнува бетонизација на Лисиче.
„Спорниот ДУП за градска четврт ЈИ 09.01 за населба Лисиче вчера беше ’шверцерски’ доставен до Советот на Општина Аеродром, како дополнителна точка, непосредно пред почетокот на седницата. Мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во Совет и градоначалникот Тимчо Муцунски одлучија да ја одмолчат дискусијата и не дадоа ниту еден одговор на прашањата поставени од опозициските советници на СДСМ“,
реагираат од СДСМ.
Деталниот урбанистички план, додаваат од СДСМ, е изгласан со 16 гласа „за“ и 11 „против“ и без ниту еден изустен збор од Муцунски и советниците на ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението наведуваат и дека директниот пренос од седницата на Советот е избришана од официјалниот јутјуб-канал на Општина Аеродром, а со цел, како што велат, да го сокријат овој срам.
„Тимчо Муцунски ја изневери довербата на жителите на Аеродром. Мандатот го започна со иницијативи за бришење на градежни маркици, а го завршува со ’бетонизација’. Со усвојувањето на овој ДУП, Тимчо Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ овозможија изградба на висококатница на 12 ката, на крстосницата помеѓу булеварите ’Србија’ и ’12-та Македонска бригада’“,
додаваат од СДСМ.
Од партијата, во соопштението, го обвинуваат градоначалникот Муцунски оти не успеал да ги реализира ветувањата кои ги дал пред жителите на Аеродром.
„За четири години Тимчо Муцунски не успеа да направи апсолутно ништо за изградбата на четири нови градинки, нова општинска зграда, нова гимназија, нов мултифункционален центар со простории за младински центар, нов спортски центар ’Пирин’ во населба Лисиче, нова спортска сала во Долно Лисиче, нов кружен тек меѓу Мичурин и Стар Аеродром, музеј на МЗТ, кино сала и театарска сцена во Ново Лисиче, нов парк на 5000 метри квадратни во Реонски Центар, стратегија за млади, завршување на сите предмети за легализација, зголемување на еднократната помош за новороденче од 8 000 на 20 000 денари и ред други неостварени ветувања од својата градоначалничка програма“,
велат од СДСМ.
Според Општината, планот ќе го унапреди урбаното живеење во Аеродром
За донесениот Детален урбанистички план денеска информираа и од Општина Аеродром, од каде што велат дека финалната верзија е изработена да го унапреди урбаното живеење и да го подобри квалитетот на живот во Аеродром и дека во неа се инкорпорирани забелешките и мислењата на сите засегнати страни.
„Советот на Општина Аеродром, на вчерашната седница, го усвои Деталниот урбанистички план за дел од населбата Лисиче кој предвидува изградба само на една зграда, два парка и решава важни урбанистички и комунални прашања на граѓаните кои живеат во овој дел од општината“,
се вели во соопштението од Аеродром.
Со донесувањето на урбанистичкиот план, се наведува во соопштението, Општина Аеродром уште еднаш покажа отвореност, транспарентност и грижа за проблемите на граѓаните, а се отвора можност и за понатамошен економски развој на општината.
Оттаму велат дека изработката на Деталниот урбанистички план се реализирала транспарентно и во неколку фази, со вклученост на граѓаните и експертската јавност, а добил и позитивно мислење од сите надлежни институции, вклучително и од Министерството за транспорт и врски, Министерство за животна средина и Градот Скопје.
„Потенцираме дека станува збор за Детален урбанистички план кој решава важни, децениски прашања на граѓаните и отвора простор за развој и ново зеленило во општината. Оттука, целосно неточни се тврдењата за наводна бетонизација на општината и тие единствено одат во прилог на дневнополитичките интереси на одредени политички структури, чија деструктивност, неодговорност и несериозност веќе е потврдена во неколку наврати“,
додаваат од Општина Аеродром.
Случајот со постапката за носење на Деталниот урбанистички план за дел од населбата Лисиче се актуализираше минатата година кога медиумите објавија дека на локација на која сега има куќи се испланирани девет нови згради.