Според власта, ребалансот ќе обезбеди економски раст и ќе биде насочен кон потребите на пензионерите, младите, како и за реализација на големи капитални проекти во општините

Со 65 гласа „за“ и 14 гласа „против“, Собранието денеска го изгласа ребалансот на Буџетот за 2025 година.
Како и вообичаено, во текот на расправата пратениците од владејачкото мнозинство и од опозицијата изнесоа спротиставени мислења за овој стратешки документ.
Според власта, дополнетиот ребаланс ќе обезбеди економски раст и ќе биде насочен кон потребите на пензионерите, младите, како и за реализација на големи капитални проекти во општините.
За опозицијата, новиот ребаланс се фокусира на краткорочни мерки, со кои не се испочитувани основните фискални правила. Опозицијата нагласи дека овој ребаланс е скроен за поткуп на локалните избори во октомври.
Поранешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека се работи за неразвоен и социјално неодговорен ребаланс, односно дека Буџетот е за селективна поддршка со краткорочни политички пресметки, скроен како предизборен поткуп за изборите во октомври.

„Немаме никаков глобален шок, ниту криза, туку имаме криза во планирањето, криза во отченоста, криза во вредносниот систем низ кој се креираат економските политики во државата“,
рече Битиќи.
Тој посочи дека буџетскиот дефицит е повеќе од двојно зголемен од крајот на април до средината на јули, што, според него, е јасен показател дека фискалната контрола е изгубена, а јавната потрошувачка расте непродуктивно.
Битиќи истакна дека со ребалансот се зголемува и домашното и надворешното задолжување, со што се создава товар за идните генерации, посочувајќи дека со ребалансот, домашниот долг се зголемува за 3,15 милијарди денари, а надворешниот за 1,38 милијарди и дека е најавено ново задолжување од 500 милиони евра до крајот на годината.
Во однос на Законот за линеарно зголемување на пензиите, Битиќи рече дека со ваквото законско решение 92 проценти од пензионерите ќе добијат помалку отколку што би добиле со постојниот модел, а само 22 000 од над 330 000 пензионери ќе добијат 100 денари повеќе.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешната собраниска седница рече дека предложените измени и дополнувања на Буџетот произлегуваат од реалните потреби на граѓаните, институциите и стопанството и се во согласност со макроекономските движења и реализацијата во првата половина на годината.

Измените, рече таа, не го менуваат пристапот на Владата, туку го подобруваат, оптимизираат и приспособуваат Буџетот кон приоритетите – сервисирање на клучните обврски, подобра распределба на расходите и поефикасно користење на расположливите извори на финансирање.
„Ќе се финансира развој. Овој ребаланс е потребен и насочен е кон иднината“,
рече Димитриеска-Кочоска.