„За“ одржување подготвителна седница беа петмина од шесте присутни судии
Уставниот суд на денешната седница донесе одлука да одржи подготвителна седница за иницијативите поврзани со Законот за употреба на јазиците пред да се произнесе за неговата и уставноста на дел од неговите одредби. „За“ одржување подготвителна седница беа петмина од шесте присутни судии. Инаку, Уставниот суд има вкупно девет члена.
Кога ќе се одржи подготвителната седница, ќе се одлучи дополнително.
Одржувањето подготвителна седница е регулирано со член 40 од Актот на Уставниот суд на РСМ во кој се наведува „заради разјаснување на фактичката и правната состојба по одделни предмети, Уставниот суд до поведувањето постапка може да одлучи да одржи подготвителна седница на која се повикуваат учесниците во постапката, стручни органи и организации, научни и стручни работници, што ќе ги определи Судот“.
На денешната седница на Судот, на која требаше да се расправа за уставноста на Законот за јазиците, како што беше најавено, не присуствуваат судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари. Поради тоа, судијата Фатмир Скендер, непосредно пред гласањето на дневниот ред, побара да се повлече точката со иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на оспореното законско решение.
Другите судии на Уставниот суд не се согласија со предлогот, по што судијата Скендер ја напушти седницата.
Пред и во текот на заседанието пред Уставниот суд пристигнаа високи функционери на ДУИ и на „Европскиот фронт“, пратеници од коалицијата, членови и приврзаници на партиите.