Крајната цел на оваа реформа е зајакнување на довербата на граѓаните во правната држава како и приближување на граѓаните до надлежностите на Судот, преку директен увид во работата на највисоката уставно-судска институција, велат од Уставен

Од 4. Март, седниците на Уставниот суд ќе може да се следат во живо преку официјалната веб-страница на Судот и неговите дигитални канали на „Јутјуб“ и „Фејсбук“.
Одлуката е донесена со мнозинство гласови од актуелниот состав на Судот.
Од Уставниот суд ваквиот потег го нарекуваат нова ера на транспарентност и историски исчекор кон целосна институционална отвореност.
„Со воведување на овој модел на транспарентност се отвора ново поглавје во односот меѓу институцијата и граѓаните. Секој граѓанин ќе може во реално време да види како се водат расправите, кои аргументи се соочуваат во процесот на одлучување, како се гради правното мислење и каква е атмосферата во која се носат одлуките кои се од суштествено значење за правниот поредок“,
се вели во соопштението на Уставниот суд.
Оттаму додаваат дека ваквата одлука е круна на повеќегодишен процес на постепено спроведување на програма за управување со комуникациите, реализирана низ неколку развојни фази.
„Крајната цел на оваа реформа е зајакнување на довербата на граѓаните во правната држава како и приближување на граѓаните до надлежностите на Судот, преку директен увид во работата на највисоката уставно-судска институција“,
велат од Уставен, додавајќи дека се позиционираат како најтранспарентен суд и една од најотворените институции во државата.
Дневниот ред за седницата в среда, може да го погледнете овде.
