Ова значи дека косовската претседателка не може да закаже нови избори додека мерката е во сила, бидејќи таа го распушти парламентот со декрет – потег што владејачката партија на Албин Курти го упати на преиспитување до Уставниот суд
Уставниот суд на Косово изрече привремена мерка до 31 март за декретот на косовската претседателка Вјоса Османи за распуштање на косовскиот парламент. Според одлуката на Судот, која е донесена по службена должност, на Османи ѝ се забранува да презема какви било дејствија во врска со декретот кој таа го донесе на 6 март, како и на косовскиот парламент да презема какви било дејствија сè додека е во сила привремената мерка.

Судот објави дека мерката останува во сила до донесување конечна одлука и дека е воведена за да се спречи непоправлива штета на уставниот поредок на Косово и демократското функционирање на клучните институции во земјата. Ова значи дека Османи не може да закаже нови избори додека мерката е во сила, бидејќи таа го распушти парламентот со декрет – потег што владејачката партија на Албин Курти го упати на преиспитување до Уставниот суд.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, минатата недела потпиша указ за распуштање на парламентот откако пратениците не успеаја консензуално да се договорат за кандидат за претседател на државата.
На седницата одржана на 5 март, владејачката партија Самоопределување претстави двајца кандидати за претседател – Глаук Коњуфчу и Фатмире Колчаку-Муљаж, откако претходните разговори меѓу Курти и двете главни опозициски партии за заеднички, консензуален кандидат не дадоа резултати.
